Почитувањето на трите мерки, заштита на лицето, физичката дистанца и миењето раце, е единствениот начин да ги заштитиме нашето и здравјето на најблиските, порачува министерот за здравство, Венко Филипче.
„Апелирам сите да ги почитуваме овие три правила за да можеме да ја надминеме оваа состојба, оваа здравствена криза предизвикана од ковид-19. Почитувањето на мерките е клучот во борбата против коронавирусот. Само заеднички може да успееме во оваа битка и само заеднички може да го спречиме ширењето на вирусот. Од самите нас зависи. Да бидеме одговорни граѓани и да не се групираме“ – вели министерот Филипче во апелот кој го пренесува Министерството за здравство.
Мерките за заштита предвидуваат дека при секое излегување надвор, треба да држиме растојание без разлика дали сме во затворени или отворени јавни простори. Во сите простории задолжително е носењето маска, марама или шал, како и надвор на оние места каде не сме во можност да одржуваме дистанца од 2 метра. Да не се групираме повеќе од две лица, во што не се вбројуваат и деца под 14 години на тие лица.