fbpx
17 C
Skopje

Ракометарите задоволни од прикажаното, Миркуловски останува во националниот тим

АКТУЕЛНО

Македонија го заврши предизвикот наречен Светско првенство. Играчите и селекторот Лино Червар се задоволни од прикажаното, и покрај тоа што беа поразени од Норвешка во осминафиналето, а со пропуштивме шанса за историски успех. Тие најавуваат дека за Европското првенство во Хрватска во 2018 година ќе бидат многу подоминантни.

Кире Лазаров: „Во првото полувреме имаше и неколку контроверзни судиски одлуки, мислам дека заслуживме и да водиме, се истрошивме емотивно и паднавме во вториот дел. Штета е што Манасков и Миркуловски не можеа да ни помогнат, ќе бевме и подобри од оваа Норвешка која многу ја почитувам. На ова првенство можеби не добивме многу, но и не изгубивме ништо, минутите кои ги добија младите играчи ќе им значат многу за натамошните кариери. Имав голема желба како капитен да влеземе во четврт-финалето, но не можевме против работи како што се повредите. Јас сум сигурен дека барем еден од нив да беше во комбинација, ќе поминевме многу подобро, ќе бевме поконкурентни. Горди сме на навивачите, на целата македонска јавност што не поддржуваше на ова првенство, на светот нема вакви навивачи. Треба да размислуваме за иднината, а јас се надевам дека Македонија ќе има блескава ракометна иднина. Во ситуација кога игравме 7 на 6 како разигрувач и шутер, мислам дека добро одговорив на улогата која ми ја додели селекторот. Мислам дека денеска можеше уште подобро да биде, ако имавме подобра реализација. Ние дојдовме до посакуваните шанси, но не ги искористивме, имавме многу промашени зицери“.

Филип Лазаров: „Добро изгледавме во првиот дел, имавме игра, а и голманот имаше добар ефект. Имавме шанси да направиме и поголем разлика, но промашените зицери не чине многу, сега само можеме да жалиме за тоа што го пропуштивме. Во второто полувреме Норвешка покажа дека е посилна од нас, особено што бевме без Миркуловски и без Манасков, тоа мораме да го признаеме. Можеме да жалиме што трето првенство едноподруго застануваме во осминафиналето. Сепак, севкупно кога ќе погледнеме наназад мислам дека покажавме добар и допадлиив ракомет и колку што можевме ја израдувавме публиката. Сакам посебно да им се заблагодарам на сите кои не бодреа, кои издвоија време и средства за да бидат со нас“.

Филип Миркуловски: „Кога најмногу сакаш да помогнеш, доаѓаат вакви работи и повреди, тоа е спортот. Момците сепак покажаа дека имаат квалитет. Имавме добра игра во првиот дел и ние требаше да заминеме со предност и тогаш мислам дека ќе беше сосема друга приказна. Во вториот дел имавме пад и се случи тоа што се случи. Јас останувам со националниот тим, не се вратив само за ова првенство и ќе продолжам и понатаму да го носам дресот на Македонија“.

Гоце Георгиевски: „Дојдовме на ова првенство со две задачи, кои требаше да ги исполниме. Тоа беше пласман во осминафиналето и освојувањето на третото место во групата, за да ја избегнеме Франција, и тие две задачи ние целосно ги реализиравме. Што се однесува на овој натпревар, игравме со уште една скандинавска репрезентација против која потфрливме, односно имавме многу промашувања, можеби изгоревме од желба да успееме. Можевме на овој натпревар да покажеме многу повеќе, можевме да направиме изненадување, но сега ни останува да извлечеме поука, посебно за нас помладите од кои се очекуваше повеќе на ова првенство, но се чини дека потфрливме. Треба да размислуваме позитивно, мислам дека има иднина во оваа репрезентација и дека ќе оствариме и подобри резултати“.

Кирил Колев: „Доста напорно беше на ова Светско првенство, Последните два меча ни дојдоа едно по друго, имавме само ден одмор, кој го искористивме во патувања. Плус, најрано игравме, во 16.00 часот. Максимално сме исцрпени, а бевме и без Манасков и Миркуловски. Во првото полувреме стегнавме заби и машки одигравме, но во второто полувреме се појави заморот. Овој подмладен репрезентативен состав има голем потенцијал, треба само да се работи со младите момци. Генерално, од пласманот на СП сум задоволен, нема за што да жалиме“.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -