Македонскиот премиер Оливер Спасовски денеска образложувајќи го третиот сет на економски мерки рече дека граѓаните кои добиваат плата помала од 15.000.
ќе може да добијат и ваучери за домашен туризам во вредност од 6 000 денари и платежна картичка од 3 000 денари. Ваучерот ќе може да се користи во домашни хотели и други сместувачки капацитети, а платежната картичка за домашни производи и услуги.
Картички за купување македонски производи
Првиот столб, како што презентираше Спасовски, се платежни картички во вредност од 9 000 денари, кои ќе можат да ги добијат околу 100 000 граѓани. Нив ќе можат да ги добијат сите невработени лица, баратели на работа кои немаат месечни примања над 15 000 денари, како и примателите на гарантирана минимална помош. Овие картички ќе може да се користат само за домашни компании, производи и услуги и во определен период од 30 дена. Вкупната вредност на оваа мерка е 16 милиони евра.
„Со ова се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашните производи и услуги, се зголемуваат безготовински плаќања и со тоа се намалува сивата економија, но прес сè, се зголемува куповната моќ на граѓаните“, рече Спасовски.
Картички и ваучери за млади
Во сетот мерки за младите кои ги презентираше Спасовски, се неколку видови на картички и ваучери.
Едниот е ваучер од најмногу 6 000 денари за покривање на партиципацијата на факултетите или за сместување во студентските и ученичките домови, како и во други сместувачки капацитети за студентите од семејствата со ниски приходи. Мерката, рече Спасовски, опфаќа и платежна картичка од 3 000 денари за домашните производи.
Уште една мерка за младите е ваучер од 30 000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини.