fbpx
18.7 C
Skopje

Шекеринска: Летниот кампус пример за соработка со современите безбедносни предизвици

АКТУЕЛНО

Во Центарот за обука „Пепелиште“ кај Неготино денеска почна 8. меѓународен високообразовен одбранбено-безбедносен проект „Летен Кампус 2017“.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на отворањето на кампусот порача дека тој е пример за заедничката регионална и мултилатерална соработка и за партнерствата кои ја дефинираат нашата заедничка безбедност и иднина. Споделените вредности помеѓу нашите држави мораме постојано да ги унапредуваме и негуваме бидејќи само така ќе ги оствариме нашите заеднички цели и успешно ќе се справиме со современите безбедносни предизвици, истакна министерката Шекеринска.

Пред 116-те учесници на Кампусот кои доаѓаат од 12 земји, министерката посочи дека тој е пример за регионална соработка и партнерство, и оти е уникатен проект на кој своите знаења и искуства ќе ги споделат професори и експерти од САД, Велика Британија, Германија, Чешка и Македонија.

Според Шекеринска, Македонија континуирано вложува ресурси во унапредувањето на интероперабилноста на вооружените сили и развојот на регионалната соработка. – Без луѓе, без кадри и без знаење не е можно да се оди напред, а ова го вклучува и одбранбениот сектор и нашата Армија. Денешната инвестиција е инвестиција во сопствените сили, во капацитетите, во идните генерации, но и во соработката со нашите традиционални партнери, рече Шекеринска, истакнувајќи дека Министерството максимално посветено работи на унапредувањето на капацитетите и условите за обука – армискиот полигон „Криволак’ денес ги задоволува сите услови за обука на највисоко ниво и е отворен за армиите на нашите партнери.

Како што наведе деканот на Воената академија полковник Орце Поповски, во наредните две недели, учесниците на Кампусот ќе соработуваат, ќе учат и ќе вежбаат заедно, за да можат еден ден да застанат рамо до рамо во поддршка на регионалниот и глобалниот мир. Кампусот, истакна полковник Поповски, е посветен на 100-годишнината од Дојранската битка во Првата светска војна, мигрантската криза на јужната граница и бројните културни активности и презентации.

Оваа година Летниот кампус се разликува од претходните, по тоа што фокусот е ставен на академската елаборација на различни теми, но со иста цел – воспоставување моќна мрежа на идните офицери и нивна подготовка за идна интероперабилност и соработка.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -