Синдикалците во писмено соопштение го обвинија Живко Митревски за како што велат, манипулации и лаги за состојбите и случувањата во Сојузот на синдикатите на Македонија и ширење лажни обвинувања за четирите синдикати кои неосновано, нестатутарно ги исклучил од ССМ.
Во писменото соопштение наведуваат дека Митревски продолжува со нападите на претседателите и раководствата на четирите синдикати кои се исклучени од ССМ со единствена намера да ја заштити својата кожа од криминалите кои ги има направено.
„За сите овие изнесени невистини процесуирани се соодветни кривични пријави, за кои бараме веднаш да се започнат постапките, за што побрзо да се разоткрие вистината. На Прес конференцијата што ја одржа вчера се виде кои гранските синдикати го поддржуваат, бидејќи го придружуваа три нелегитимни претседатели, каков што впрочем е и тој самиот. Претставникот на Македонскиот полициски синдикат е со завршена функција и тој е технички претставник без легитимно право да зборува во својство на претседател. Претставникот на Синдикатот на одбраната со фалсификувано решение и заведен спор по тој прекршок, бессрамно се претставува за претседател на Синдикатот на одбраната и безбедноста. Разрешениот секретар на ССМ и претставник на Синдикатот за сообраќај и врски го загуби спорот пред Управниот суд за неговата претседателска фукција во тој синдикат. Ваквите состојби и спорови во овие синдикати се резултат на директното влијание и упадите на Живко Митревски“, велат синдикалците.
Во текот на утрешниот ден, четирите граѓански синдикати СИЕР, УПОЗ, Агро Синдикат и СУТКОЗ ќе побараат прием кај министрите во Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи за да добијат одговор како е поништено решението за именување на Дарко Димовски односно кој издал наредба полицијата да влезе во зградата на ССМ и да не дозволува да влезат вработените во синдикатите.
„Воедно, ја информираме јавноста, членови на синдикатите и граѓаните дека Работничкиот дом од вчера повеќе не е дом на работниците, туку дом на криминалот и злоупотребите. Денес во него не влегуваат работници, туку само платениците кои го штитат Живко Митревски од сопстените членови, а на вработените на синдикатите СИЕР, УПОЗ, АГРО и СУТКОЗ не им дозволуваат влез во сопствената куќа“, стои во соопштението на синдикатите.