fbpx
18.7 C
Skopje

Средба Анѓушев-Жбогар: Реформите во фокусот на Владата на патот кон евро-атлантска интеграција

АКТУЕЛНО

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со шефот на делегацијата на Европската Унија, Н.Е Самуел Жбогар.

Вицепремиерот Анѓушев упати благодарност до Европската Унија за поддршката на процесот во спроведување на реформите на патот на Република Македонија кон евро-атлантска интеграција.

Тој на амбасадорот Жбогар му ја презентираше економската програма на Владата, при што нагласи дека ќе се работи на создавање добра бизнис клима и овозможување исти услови за инвеститорите.

„Владата ќе работи на реализација на капитални проекти, важни за подигнување на конкурентноста на компаниите во земјата. Ќе ја стимулираме соработката помеѓу домашните и странските компании и ќе воведеме нов концепт за привлекување инвестиции, што ќе биде транспарентен и со исти услови и за странските и домашните инвеститори “, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Анѓушев дополни дека реформите во енергетскиот сектор ќе бидат во фокусот на Владата. Во согласност со договорот за Енергетска заедница и препораките на Европската комисија, до крајот на 2017 година ќе биде донесен новиот Закон за енергетика.

„Во новиот Закон за енергетика ќе ги имплементираме Третиот енергетски пакет на Европската Унија и мерките препорачани од Енергетската заедница. Ќе работиме на искористување на сите постојни капацитети за производство на енергија во земјата, но ќе поддржуваме и изградба на нови капацитети, особено од обновливи извори на енергија“, дополни Вицепремиерот.

Амбасадорот Жбогар посака успех во реализација на економските политики и порача дека ако се исполнат поставените цели, економијата на Република Македонија ќе расте со посилно темпо, што е во интерес и на земјата, но и на регионот и на Европската Унија, се вели во соопштението од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -