До скоро бевме среќно семејство. Со сестра ми имавме пристојно детство и не знам што да ви раскажам околу тој дел од животот. Бевме нормално семејство, јас, сестра ми, мајка ми и татко ми. Живеевме заедно со баба ми и дедо ми, а постариот чичко одамна замина за Франција со тетка ми, успеаја после 15 години мачење да остварат свој бизнис и да купат своја куќа, па сега се топ.
Мајка ми и татко ми работат во администрација, работа од 8 до 4, со тоа што татко ми мораше често да патува, но многу ретко преспиваше надвор. Сега кога ќе размислам, можеби отсуствуваше по една недела месечно. Но тогаш не обраќав многу внимание на тоа.
Важно бевме среќни, на сите празници бевме заедно и редовно одевме некаде за летен одмор. Така, многу ми е тешко да го „сварам“ ова што го дознав пред неколку дена.
Од зимото наваму татко ми многу лошо кашла. Цело време велеше дека не му е ништо, дека настинал и дека ќе му помине. Ама од цигарите никако да се откаже, додуша ги намали. Мајка ми најмногу инсистираше да појде на лекар, зошто времето минуваше а нему се полошо и полошо му стануваше. Направивме снимки, го прегледаа и ни ја кажаа тажната вест. Кажаа дека белите дробови се зафатени од рак и дека не му преостанува уште многу време.
Сите се испотресовме. Не можам да ви го опишам чувството какво е кога ќе дознаеш дека некој што многу го сакаш, некој близок, дека татко ти ќе умре во болки и агонија. Се скршивме сите. Мене многу тешко ми падна. Пред него се правевме храбри, ама трчавме во друга соба за да се изнаплачеме.
Ги извадивме сите пари што ги имавме заштедено и без тој да знае порачавме лекови од странство. Купуваме и некои лекови што само на црно можат да се набават и тие се многу скапи. Ама, кога живот е во прашање не прашуваш што и колку чини.
Едно време малку му се подобри состојбата, му се поткрена духот, но потоа пак се замрачи и се свитка во болки. А пред пет дена не повика сите за да ни каже нешто важно. Мајка ми седеше на столче до креветот и го држеше за рака, сестра ми седеше на аголот до неговите нозе а јас стоев покрај мајка ми кога ни ја исповеда страшната вистина.
Плачеше и молеше за прошка кога почна да раскажува, а нам не ни беше јасно и го смирувавме, му велевме дека нема да умре и дека не ни згрешил ништо, да не се вознемирува. Но тогаш не знаевме каква страшна тајна крие татко ми.
Имал љубовница веќе 20 години и со неа имал 15 годишен син. Не удри дамла. Мајка ми посиве во лицето, се згрчи целата, стана и излезе од собата. Јас и сестра ми останавме онемени. Не знаевме што да кажеме. Тој продолжи да ни зборува за синот, како да го најдеме, како се вика, каде учи, каде живее…. Дека тој ни бил брат и дека треба да го сакаме.
Мајка ми од тој момент не влага во собата на татко ми, а измет му правиме јас и сестра ми. Но не разговараме со него. Онемени сме. Никој со никого не зборуваме. Не знаеме што да си кажеме.
Не знам што да правам. Луѓе, мозокот ми е сварен и од мои лични проблеми, ова со татко ми само ја прели чашата. Немам со кого да разговарам, не сум ни при пари ни во можност да ангажирам адвокати, не знам што да очекувам во иднина. Ако имате некој совет давајте, зошто ситуацијата дома е неиздржлива.
Ова беше шок за сите нас, особено за мајка ми. По цел ден тивко плаче, не зборува со никој, нас ни е мачно. А деновите на татко ми се избројани, тој бара прошка и разбирање а ние не сме спремни да му ги дадеме…
С.П.
Авторски текст, не смее да се превзема без одобрение од редакцијата на Поглед