5.8 C
Skopje
Friday, March 29, 2024

Уставен пресече, референдум ќе има – Апасиев: Денеска е погребано правото во Македонија!

Уставниот суд ги отфрли трите иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година.

Со иницијативите поднесени од партијата Левица, од Светскиот македонски конгрес (СМК) и од едно физичко лице се бараше од Уставниот суд да донесе времена мерка за запирање на сите активности поврзани со организацијата и спроведувањето на референдумот.

На денешната седница на Уставниот суд, судиите Елена Гошева и Јосиф Јосифовски гласаа „за“ трите иницијативи а против беа судиите Дарко Костадиновски, Осман Кадриу, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова, Никола Ивановски, Насер Ајдини и Сали Мурати.

Како судија-известител кој работеше на овој предмет, судијката Елена Гошева побара судиите да покренат иницијатива за оценување на уставноста на Одлуката за одржување на референдумот и да донесат времена мерка со која ќе се запрат сите активности во врска со спроведувањето на истата се’ до конечна одлука на Судот.

Во образложението на предлогот, Гошева кажа дека Одлуката за распишување на референдумот не ги содржи сите битни елементи од членот 9 од Законот за референдум. Според неа, од седум елементи, оспорената Одлука не содржи четири од нив. Тоа се образложение на прашањето, видот на референдумот, не е наведен и целосниот назив на Договорот меѓу Македонија и Грција а прашањето не објаснува дека Република Македонија го менува името во Северна Македонија.

„Собранието како орган кој донел Одлуката за референдумот споил три прашања во едно а според Законот за референдум за секое прашање мора да има посебно ливче а граѓаните да одговорат на три прашања, дали се за влез во Европската Унија, дали се за влез во НАТО и дали го прифаќаат Договорот од Преспа. Така требало да се спроведат три референдуми во ист ден и во исто време што со закон е дозволено. Нејасен е и видот на референдумот. Не се знае дали е претходен или не, дали е обврзувачки или не. Договорот од Преспа е ништовен затоа што е склучен од ненадлежен орган и не е ратификуван. Министерот за надворешни работи Никола Димитров немал мандат да потпише таков договор. Тоа создава конфузност кај граѓаните и се повредува правото на правна сигурност“, рече меѓу другото Гошева.

„За“ запирање на сите активности за спроведување на референдумот гласаше и судијата Јован Јосифовски кој смета дека Одлуката за референдум не е во согласност со Уставот и дека прашањето е нејасно и непрецизно.

Јосифовски тврдеше дека седумте судии кои гласаа „за“ отфрлање на иницијативата биле повикани на разговор и дека поради тоа го смениле мислењето.

„Зошто не бевме викнати јас и Гошева, кои имаме различен став за да ни кажат како да гласаме. Кога ве избираа се заколнавте дека ќе го штитите уставниот поредок. Но денеска се’ падна во вода “, кажа Јосифовски.

За седум уставни судии нема ништо неуставно во Одлуката на Собранието

Судијата Дарко Костадиновски се согласи со судијата-известител Гошева дека Одлуката за распишување на референдум не ги содржи сите елементи но според него во Одлуката нема суштествена повреда на законите и тие не се причина за поведување постапка.

„Не се согласувам со судијата Гошева дека референдумското прашање е двосмислено. Собранието како предлагач, сакало да ги извести граѓаните за трите аспекти на референдумот кои се срочени во едно прашање и имаат причинско-последични врски. Тоа не ги доведува во заблуда граѓаните“, рече Костадиновски.

Со поинаков став од Гошева беше и судијата Осман Кадриу, кои беа предложени за уставни судии од претседателот Ѓорге Иванов. Тие сметаат дека одлуката ги содржи сите потребни елементи и дека барањата за нејзино оспорување се неосновани.

„Не може да се каже дека Одлуката е незаконска бидејќи е донесена со мнозинство гласови од законодавните органи и таа ги содржи сите битни законски елементи. Што се однесува до задолжителноста на референдумот тука Уставот е јасен. Тој таксативно наведува дека референдумот е задолжителен само кога се гласа за членство или излез во и од сојузи и при промена на границите. Но ЕУ не е сојуз, а НАТО е политичко-воен сојуз. Договорот од Преспа не припаѓа во ниту една форма на таков задолжителен референдум и не знам од каде тоа дека Македонија влегува во сојузништво со некоја држава“, рече Кадриу.

Слични дискусии како Костадиновски и Кадриу имаа и судиите Насер Ајдини, Вангелија Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски, како и претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски. Сите четвроица кажаа дека според нив со Одлуката за референдумот не се прекршени одредби од Уставот на Република Македонија.

Караница помеѓу претседателот Ивановски и судијата Јосифовски

Почетокот на седницата го одбележа кавгата помеѓу претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски и судијата Јован Јосифовски кој побара Одлуката за референдумот да биде единствена точка на Дневниот ред на седницата. Јосифовски тврдеше дека судот не одржал колегиум за да размени мислење за текот на седницата особено што, како што рече тој, во една од иницијативите се барало одржување на јавна расправа „за ова важно историско прашање“.

Јосифовски уште реагираше и на начинот на кој судиите ги образлагаа своите ставови сметајќи дека со тоа ја навредуваат судијката-известител по овој предмет Елена Гошева како и подносителите на трите иницијативи.

„Зборувајте како човек,не тресете се“, му рече Ивановски на Јосифовски по што Јосифовски му одговори да не му се упаѓа во збор „како нечовек“.

„Отсекогаш сум бил господин за вас и ќе останам господин“, му викна Ивановски на Јосифовски.

„Господин, да, мислете си само вие!“, врати Јосифовски.

Левица смета дека Уставниот суд денеска ја закопал правната држава

По завршувањето на седницата на уставниот суд, Димитар Апасиев од Левица, еден од иницијаторите за поништување на Одлуката за референдумот изјави дека уставниот суд денеска ја закопал правната држава.

„Ова е срамен дел за владеењето на правото во Република Македонија, денеска е погребана правната држава преку политичка, а не правна одлука на судиите. Според нас, бојкотот останува како единствено масовно средство за враќање на правната држава“, изјави Апасиев.

За Тодор Петров од Светскиот Македонски конгрес Одлуката на Уставниот суд не е прифатлива.

„Очигледен беше притисокот што е извршен врз судиите. Тие во расправата беа контрадикторни. Тие отфрлија расправа за договорот со Грција, но заклучија дека со референдумското прашање не се гласа за ЕУ и НАТО, туку за Договорот. Истовремено, се суспендира референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот во апсолутно мнозинство гласаше за самостојна Македонија без додавки и придавки. Судот, за жал, смета дека ЕУ не е ниту сојуз за кој треба да се распише референдум. Одлуката на судот ќе ја зацврсти одлуката на народот, кој ќе бојкотира на 30 септември “, рече Петров.

Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски денеска на прес конференција кажа дека Владата нема да ја толкува одлуката на Уставниот суд.

„Ние остануваат на првичниот став дека референдумот е најдемократско право на изјаснување на граѓаните“, рече Бошњаковски.

За времетраењето на седницата десетина граѓани со македонското знамето на Вергина протестираа пред Уставниот суд кој беше обезбедуван од полициските сили на МВР.

поврзани објави

- Advertisement -
- Advertisement -

Последни објави

- Advertisement -