Со години наназад во јавноста тивко и срамежливо се зборуваше за потребата од промена на изборниот модел во земјата.
Македонија една изборна единица е изборен модел за кој партијата на екс премиерот Љубчо Георгиевски зборуваше уште одамна, за кој како што велеа, ќе донесе демократизација на општеството.
За овој изборен модел, денес, години подоцна, речиси сите помали политички партии се залагаат и во Собранието, и оние од власта, но и оние од опозицијата. Меѓу нив и доста популарниот во изминатиов период, лидерот на Левица Димитар Апасиев.
Дека времето за овој модел е навистина дојдено говори и фактот што граѓаните се ставени во една средина во која и немаат некој голем избор. Црно-бело односно ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или пак СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како сакате. Речиси било која од овие партии да е на власт ја има апсолутната моќ во државата, а тоа не дозволува да има уште еден или двајца посериозни играчи на политичката сцена во државата. Од друга страна многу партии, кои освојувале и по 30.000 гласачи во Собранието, пример ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски во минатото, остануваа без пратеник бидејќи речиси во сите изборни единици недостасуваше по некој глас за влез на истите во Собрание. Тоа значи дека 30.000 гласачи останале без свој претставник во Собранието на земјата, додека пак некои кои можеби го надминале прагот во одредена изборна единица, добиле помалку гласови на државно ниво, но сепак успеале да станат парламентарна партија.
Фактот што македонските граѓани не гледаат огромен избор и после долги години се навистина разочарани од тоа што и се случува на државата, е причина плус зошто е потребен нов изборен модел во кој и помалите партии ќе имаат свои претставници, со што ќе се зголеми демократијата во општеството, но и конечно ќе заврши црно-белиот свет на македонската политичка сцена.
Автор Симон М.
Ставовите во текстот се искажани од авторот