Со години живеам надвор од Македонија. Сум живеел во Словенија, сум живеел во Канада, а сега живеам во Швајцарија. Во сите држави во кои што сум живеел сум стекнал посебно искуство, сум запознал различни луѓе, сум видел различни култури, системи кои функционираат беспрекорно во многу сегменти од секојдневието.




Сум видел и ладни и топли луѓе, сум видел и таму и сиромашнии и ултра богати, сум видел луѓе кои немале за леб, но сум видел и луѓе кои возеле автомобили од 300 илјади евра и пиеле вино од 10 илјади евра. Сум видел луѓе кои барале за да си купат храна, но сум видел и луѓе кои давале бакшиш од илјадници евра.
И сега сигурно се прашувате зошто ви го кажувам ова? Па да продолжам..
Изминативе неколку месеци актуелност во целиот свет е коронавирусот или познат како Ковид-19. Вирусов на еден или друг начин го промени секојдневното функционирање во целиот свет. Почнувајќи од најмоќните светски држави како Америка, Русија, Кина, Канада, Германија па се до најмалите и кревки држави како наша Македонија. Разликата помеѓу првиве и нашата Македонија е што во првиве експерти се врвните доктори, оние кои целиот свој живот го посветиле на медицината за да бидат таму кај што се денес. Кај нас пак експерти се сите маалски фраери кои ден губат пиејќи кафе во кафулињата и кафаните и дискутирајќи како тоа тие знаат колку овој вирус таканаречен Ковид-19 е само една голема лага која ја пропагира некој си човек од САД кој сака да не чипира сите.




Ами зошто би не чипирал? Па нормално, за да го земе рецептот за баница на некоја бабичка од Малешевијата или пак да раскаже некоја приказна на внуците во САД за тоа какви биле адетите на нашите баби и дедовци во минатото.
Секој ден и овде од Швајцарија ги следам внимателно сите постапки на нашите власти. Од првичните мерки па се до денес. И да, точно. Можам да им најдам 1000 замерки иако не сум јас тој „експерт“ кој сега треба да вергла како тоа Венко Филипче и другите не знаеле што прават. Демек овие доктори на науки и професионалци во својата работа не знаат ами знае некој дедо или некој фраер од 25 години кој чека уште пари од тато и мама за да се напие едно кафе со другарите. Затоа и мудро молчам. Тоа не значи дека немам право на мој став и мислење и дека немам различно мислење во однос на мерките преземени од страна на властите во Македонија, но тоа и не значи дека треба да се правам попаметен и да глумам лудило дека сето ова е едно голема лага. Точно е дека многу работи за Ковид-19 се нереални во однос на она што се прикажува во јавноста, посебно во медиумите. Но.. има едно големо НО. Точно е и дека многу работи се реални. Па еве да ви споделам искуство.
Еден сосед овде во Швајцарија на возраст од 40 години беше позитивен на Ковид-19. Со вирусот имаше навистина сериозна битка. Повеќе од 18 дена кашлица, треска, малаксаност и што ли уште не. Човекот по излезот од својот дом, по своето опоравување сподели дека тоа што го доживеал не го посакува никому и дека ова навистина постои колку и некому да му звучи несериозно. Не велам НЕ. Овој вирус можеби и не е така лош како што се претставува, но факт е дека овој вирус знае да наштети на луѓе кои имале проблеми со здравјето во својот живот. Затоа луѓе и пријатели во Македонија.




Ве замолувам – не правете се паметни и експерти во се. Ако не сте експерти во спорт, тогаш сте експерти во образование, ако не сте експерти во образование, тогаш сте експерти во здравство. Ако не сте експерти во здравство, тогаш сте експерти во политика. И од толку многу експерти, а непочитувачи на ништо кое може да придонесе за јавно добро сме таму кај што сме денес како држава.
Да сте ми живи и здрави и што поскоро да се вратиме во нормалниот живот кој се надевам ќе го живееме онака како што треба.
Преземено од фејсбук. Автор. Симон Митрески