fbpx
18.8 C
Skopje

Wind of change

АКТУЕЛНО

Кога ќе подразмислам малку колкава жртва еден посветен човек, особено млад, дава кога постои идеја која смета дека ќе донесе некакво движење или промена во општеството и знаејќи колку посветени млади низ годините ја жртвуваа својата младост за да донесат барем малечка промена, Македонија сега ќе беше општество ипол, со развиена политичка свест, секогаш расположена за нови предизвици носени ова време на промени.

Во последниве тринаесеттина години македонската политика изеде многу млади чеда, не поради неискуството на младите политичари туку поради гнилоста на основата врз која стои баш таа македонска политичка сцена преплавена со политичари кои живеат стихијно, од ден за ден, без никаква визија, свест и промисла за некакво подобро утре, па макар и европско.

Во последниве тринаесеттина години проникнаа илјадници идеи кои не само што не го најдоа своето место во македонското општество туку и врз база на нивната идејност беа маргинализирани, оставени да стареат без да го видат своето светло на денот, својот успех кој денеска ќе беше еден од темелите на стабилното македонското општество кое го заговараме токму ние, младите политичари.

И после тринаесет години македонската политичка сцена се соочува со неминовниот момент на потреба за суштинска промена бидејќи идеологијата на жалост ја закопавте со Вашите стихијни стратегии задоволувајќи ги само Вашите лични интереси, политичката култура која не личи на ништо освен куртоазни драмолетки за пред камери, локалниот и државниот интерес кој не да го заборавивте туку е запикан некаде по фиоките кои се отвараат само пред избори или кога ќе дојде нож до грло и на крајот политичките партии кои требаше да бидат организаци наменети за канализирање на тие визионерски идеи, обединување во една цел и организација која со дијалог, дебата и дискусија требаше да го води овој народ на кој му е преку глава дојдено, ова не го измислив јас туку е одраз на мислењето на народот преточен во анализа на некои странски центри кои испаѓа дека повеќе ги боли него ли самите политички партии.

Незадоволството и недовербата на народот кон политичките партии е всушност незадоволство и недоверба кон политичарите и нивните „затуцани политики“ кои ни ги протнуваат, еве не одам подалеку ама добри тринаесет години, јалови политики кои не раѓаат просперитет туку оставаат последици по македонското општество кое пак премолчува и редовно покажува знаци на „стокхолмски синдром“.

Епа мило мое граѓанство и селанство ако не ги поттикнеме промените првенствено кај нас самите никој не ќе може ниту да ни ја оправи државата, ниту градовите уште помалку селата кои од ден на ден се попусти и попусти стануваат. Знаете, порано велеа дека селанството доаѓа по градовите па се тешевме како градовите се полнат со нови жители од селата, сега ситуацијата е тотално променета, селанството и граѓанството си оди и од селата и од градовите, а политиката си врви, лошите политики опстојуваат бидејќи нема кој да им се спротистави.
Срамните резултати од анализата за довербата на народот кон политичките партии кои неодамна ги обзнани Националниот демократски институт (NDI) би требало да предизвикаат политички земјотрес, ама да бидеме реални, политички земјотрес е можен само во оние политички средини каде свесно се размислува, каде што Македонија и не е случај.

Факт е дека во основите на политичките партии мора да се врати суштинскиот постулат кој вели дека за секое прашање, идеја, критика треба да се консултира народот, впрочем оној кој те гласа и води низ политичките и општествени процеси во животот.

Да не објаснувам колку политичките партии „реално“ се залагаат за овој принцип на работа, но не е нешто што не може да се врати и имплементира. Само со искреност пред народот, идејност и акција во смисол на континуирана борба дали преку дискусии, дебати и дијалог или пак борба со идеи во политичко-партискиот ринг и уште една работа која можеби го дава последниот суд пред гласачите, а тоа е искрениот пристап кон проблемите и нивните решенија.

Ако веќе политичките партии имаат заеднички интерес, односно заедничка цел за некаков сегмент, идеја или решение на некаков општествен проблем, чуму да не застане рамо до рамо со својот опонент, чуму да не покаже решителност за реализација и ОПШТО ДОБРО?
Тоа е она што не кочи патем, егоизмот пред заедничката цел и затоа Македонија низ времето губи, само што денес за многу работи кои можеле да се решат пред години ни се удираат од глава токму на нас, новите генерации кои носат со себе ветер на промени, неминовни и реални.
Во 1998-мата еден, еден млад визионер ќе рече: „Промените се природна појава. На Македонија и се потребни промени, за да биде развиена, стабилна и единствена – како природата.“

Заклучокот е едноставен, промените почнуваат од нас бидејќи #НиеСмеПромената.

Автор на текстот: Дино Блажески – Член на Извршен на ВМРО-НП и претседател на УМС на ВМРО-НП

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -