Премрзнат, гладен и болен. Вака не живее, туку полека умира 50 годишниот Станко Анакиев од Карбинци. Последните десетина екстремно сурови денови, тој ги поминал неподвижен, гладен и премрзнат во студената соба.
Душата после една година страдање Станко денеска си ја отвори пред својот долгогодишен другар, кој по 20 години, дојде да го види од Италија.
Овде оставил силен човек, а затекна скршен и понижен старец, дотепан од животот и тагата по смртта на неговиот 24 годишен син, единствениот кој се грижел за него. Сега е препуштен на сопствената немоќ и зависен од институциите кои го заборавиле.
„Немам социјална помош. Ми дадоа одговор дека имам услови за егзистенција“, изјави Станко Анакиев.
Станко бил одбиен за социјална помош, а пред 4 месеци му била исклучена струјата, па зимата освен без храна и во студ, Станко ја минува и во мрак и без топла вода.
„Една година сум во постела. Имам болки тука, во градите“, изјави Станко Анакиев.
Единствената помош на Станко пристигна од Мире.
„Оваа ситуација е многу лоша. Ова е жално. Треба да му се даде институционална помош. Ова е срамота. Ова во Европа го нема. Погледни што е ова. Во Италија кучињата и мачињата живеат подобро. Не можам да зборувам повеќе…со солзи во очите“, заврши Мире Ѓоргиев.
Извор: ТВ Стар