Поголема криза од оваа нема да можеме да издржиме со техничка Влада и без Собрание. Ова мора да заврши и знам дека преку глава му е на секој граѓанин од партиските игри и од фамозниот датум за избори. Ние, јас и СДСМ преземаме чекор за да им олесниме на сите граѓани да заврши оваа игра на нерви од која страда народот. Се знае кој беше одговорен. Така и овој пат, СДСМ ја покажува својата големина. За да не страда народот, за да им се овозможи на ВМРО-ДПМНЕ да ја покажат на дело својата одговорност, го заклучуваме 15 јули за датум за избори.
Денеска разговарав со Мицкоски и тој потврди дека е согласен да одиме на избори на 15 јули. Среда, неработен ден, ден за гласање, ден за одлуки, ден за спас на државата од кризата во која влеговме. Понеделник и вторник ќе бидат денови за гласање на позитивни на Ковид-19, оние кои се во самоизолација, и сите болни граѓани. Молкот ќе настапи крајот на денот 12 јули недела. Праќам порака до Мицкоски:
Одговорноста е големо дело. Овој пат повторно СДСМ покажа колку повеќе е одговорна политичка партија во споредба со ВМРО-ДПМНЕ. Никој не смее да помисли да си игра со сопствениот народ. Време е да погледнат надвор и ова решение да го потврдат пред народот. Мицкоски е повикан да одговори и да влезе во демократскиот процес со сите други политички чинители во земјата. Очекувам Мицкоски да потврди дека ќе учествува на изборите во 15. јули. Претседателот Пендаровски ќе треба да прогласи нова вонредна состојба, за да може да се помести денот за гласање, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на денешната пресконференција.
Овој наш чекор е државничка одговорност. Ќе го поддржат сите наши партнери. Информирани се меѓународните сојузници на нашата држава. ВМРО-ДПМНЕ е на потег, нека излезат на избори на 15. јули. СДСМ е одговорна власт, која после 15. јули ќе продолжи да ја води државата уште подобро.
Граѓаните плаќаат Влада, за да им биде на располагање. Тие плаќаат пратеници за да работат. Ние мораме да имаме активно Собрание, додаде тој.
Заев рече дека кампањата ќе се води без големи собири и митинзи, а претежно ќе се води преку медиумите и преку социјалните мрежи.