Традиционалниот карневал под маски „Ѕвегорска Сурова“ е манифестација што секоја година ја организираат жителите на село Ѕвегор, кое претставува последното населено место од Источниот регион, движејќи се по магистралата А3 која ја поврзува Република Македонија со источниот сосед Република Бугарија.
Во овој обичај учевствуваат две групи на луѓе. Детската група минува низ селото на 13 јануари, на ден пред Василица. Тие одат од куќа на куќа каде што луѓето ги даруваат со овошје, пари, ореви, и ред други работи. Потоа, доцна во ноќта, постарите луѓе ја започнуваат својата подготовка. Тие се собираат во однапред договорено место и се пресоблекуваат во друга облека. Невестата и зетот, мечката, белата војска на невестата, „турчинот“ и циганките и оваа година беа дел од маските кои им ја честитаа новата година на домаќините во селото и благословувајќи ја нивната куќа.
„Ѕвегорска Сурова е вековна традиција, не се знае точно од кога почнала, но тие настани се поврзани со цела нација, со цел македонски народ. Од Вевчани кажуваат дека таа традиција има повеќе од 1000 години, штом таму има повеќе од 1000 години, и тука сигурно има, бидејќи нашата сурова и Вевчанските василичари се многу слични, дури речиси идентични, без разлика што тие се на Запад, ние на Исток.
Улогите и таму се исти како тука. Суровата претставува модерен карневал. За него се знае не само во Македонија, туку и во цел свет. Самиот карневал претставува честитање на новата година. Денеска е 1 јануари, по Јулијанскиот календар кој е воведен во Римската држава, кога завладеало христијанството.
Денес воедно е и празникот Св Василиј, но овој настан нема никакви контакти со него, бидејќи кој сака да го испочитува празникот оди во црква. Сурвоскарите извикуваат „СУРОВАА“. Самиот збор значи живот, што значи годината да биде жива. Некој го поврзуваат карневалот со паганство, јас тоа не го оправдувам.
Карневалот претставува прослава на нова година на народен начин, со зурли и тапани. Јас овој карневал го нарекувам подвижен театар, а учесниците односно сурвоскарите актери. Има многу улоги, но традиционални се невестата и момчето. Невестата цело време се држи во тајност, а нејзиниот идентитет не треба да се дознае се до крајот на церемонијата.. Таа си има своја сурвоскарска војска, која ја брани од натрапници.
Домаќините пак ги пречекуваат сурвоскарите со баница, пивтија и ракија. Со одењето од куќа на куќа, сурвоскарите сакаат да ги истераат злите духови од куќата“, вели пензионираниот професор по историја, Стефан Манасиев.