Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кажа дека ако Поранешната Југословенска Република Македонија не го смени името, нема да биде примена во НАТО, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Брисел.
Известувачот на МРТВ побара коментар од Столтенберг на тоа што 80% од граѓаните се за влез во НАТО, но голем е процентот на оние кои се против промена на уставното име.
„Тоа е одлука на граѓаните на Поранешната Југословенска Република Македонија. Граѓаните имаат една шанса, треба да се искористи. Или ќе го поддржите договорот и ќе се зачлените во НАТО или нема да го поддржите договорот и нема да се зачлените во НАТО“, кажа Столтенберг.
Столтенберг ја објасни процедурата која што ќе доведе до тоа Македонија да стане 30. членка на НАТО под името Северна Македонија и заврши со зборовите: „Нема да станете 30. членка на НАТО ако не се смени името“.
Претходно, изнесувајќи ги заклучоците од состанокот на Северноатлантскиот совет, Столтенберг кажа дека 29-те членки на НАТО денеска на Самитот во Брисел се договориле да ја поканат Македонија да почне пристапни преговори за членство во Алијансата.