Владата на Велика Британија на 29 март ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор со што практично ќе почне процесот за излез на Велика Британија од ЕУ, соопшти денеска Даунинг стрит 10.
„Постојаниот британски претставник во Брисел утрово ја информира ЕУ дека на 29 март Велика Британија ќе го активира членот 50“, изјави претставник на Кабинетот на британската премиерка Тереза Меј.
Според официјалното британско соопштение, Владата во Лондон ќе ги извести со писма сите 27 земји членки на ЕУ и ќе побара од нив преговорите за формалното истапување од Унијата да почнат што е можно побрзо.
Лондон се надева дека преговорите ќе завршат за две годиним што значи дека Велика Британија на почетокот од април 2019 година ќе биде надвор од Унијата.
Кандидатурата за членство во тогашната Европска еконономска заедница (ЕЕЗ), Владата во Лондон првпат ја поднесе во 1963 година, во времето кога премиер беше конзервативецот Харолд Макмилан.
Десет години траеја преговорите за британски влез во заедницата, најмногу поради ветото на Франција и на нејзиниот тогашен претседател Шарл де Гол, кој не веруваше во определеноста на Британците да бидат дел од европскиот континент, нивната голема блискост со САД и стравувањето дека во ЕЕЗ Велика Британија ќе го вовлече и целиот Комонвелт.
Членка на ЕЕЗ Велика Британија стана во 1973 година, кога спогодбата за членство ја потпиша конзервативниот премиер Едвард Хит.
Референдумот за напуштање на сегашната ЕУ го покрена поранешниот премиер Дејвид Камерон, во надеж да ја смири десницата во својата Конзервативна партија и верувајќи дека Британците ќе се определат за останување во Унијата.
Во кампањата Камерон агитираше за останување во ЕУ, а по поразот поднесе оставка и беше заменет од Тереза Меј.
Медиумите во Лондон најавуваат дека таа ќе им се обрати на пратениците во Парламентот по покренување на членот 50.