Три лица загинаа рано утрово во грчката област Поликастро, во близина на македонско-грчката граница, во тешка сообраќајна несреќа во која учествувале автобус со српски регистарски таблички и автомобил. Во несреќата се повредени и десетици патници во автобусот.
Најтешко повредениот патник почина во болница.
Несреќата се случила околу 6:30 часот во близина на граничниот премин Евзони. Според првичните информации на грчките и српските медиуми, автомобил со грчки регистрации влегол во спротивна лента по што се случил сударот.
Грчкото возило било целосно смачкано, а автобусот се обидел да го избегне, но не успеал. По сударот, возачот на автобусот избегнал дополнителен удар во столб покрај патот, но двокатниот автобус се превртел и удрил уште еден автомобил.
Тројцата загинати биле во автомобилот со грчки регистрации, а најтешко повреден е 4-от патник во тоа возило. Во болница подоцна почина.
Во автобусот имало 78 српски туристи, а 40-тина од нив се пожалиле на повреди. Дваесетина имале скршеници на рацете и нозете. Повредена е и жена од третото возило. Меѓу повредените има две деца стари 6 и 9 години.
Повредените се префрлени во болниците во Поликастро, Кукуш и Солун.
Шефот на српска превозничка групација тврди дека возачот на грчкиот автомобил заспал пред сударот.
Полицијата врши увид, а сообраќајот во близина на преминот Евзони-Богородица беше во прекин и се одвива со големи потешкотии и застои бидејќи автобусот е превртен на патот, а двата автомобили се излетани од коловозот. На патот има и остатоци од несреќата, скршено стакло, парчиња од возилата, а на фотографиите од местото се гледа и тркало кое целосно отпаднало од едно од возилата.
Местото на несреќата е веднаш по границата, каде има поширок пат, но не е автопат подделен со банкини.
На таа делница често поспорите возила се движат на лентата за сопирање на крајот од патот за да им овозможат престигнување на побрзите автомобили и е една од најбезбедните делници на патот на туристите кон Грција.