12.8 C
Skopje
Friday, July 11, 2025

ЌЕ НЕМА НЕДОСТИГ НА ПОЕВТИНИ ЈАЈЦА НА РАФТОВИТЕ Инспекторатот затворил уште 10 маркети

ЌЕ НЕМА НЕДОСТИГ НА ПОЕВТИНИ ЈАЈЦА НА РАФТОВИТЕ Инспекторатот затворил уште 10 маркети

Од 19 септември, кога е донесена првата владина Одлука за намалување на цените, направени се над 550 надзори, издадени се преку 32 платни налога и изречени се казни во висина од 6,320 милиони денари. Казните се за непочитување на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики, а се постапува согласно Законот за заштита на потрошувачите, соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски и информира дека се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга.

Како што истакна Трајковски на прес-конференција, меѓу овие десет маркети нема ниту еден од оние пет што беа првично затворени.

Директорот на ДПИ повтори дека до намалените цени на производите треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до оние, дополнителните, што се самоиницијативно поевтинети од маркетите, треба да има соодветната ознака која тоа јасно го покажува.

– Не е фер, кој било од граѓаните да се појави во некој маркет и да види, на пример, дека цената на јогурот е 109 денари пред донесување на одлуките, но дека е иста и потоа, по донесувањето на одлуките, а има ознака „гарантирана цена“. Со тоа се доведува во заблуда потрошувачот и како што реков, компромис нема да правам за никого – нагласи директорот на ДПИ

Во однос на нерегистрираните трговци, напомена дека ако по 15 октомври се забележи трговец кој врши дејност нерегистриран, ќе има казни и ќе се одзема стоката.

На новинарско прашање околу недостигот на некои производи во маркетите, како јајцата, а претходно и месото, како што пријавуваа потрошувачи, Трајковски рече дека трговците треба да кажат ако имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира.

– Снабдувачите, односно оние што вршат трговија големо, ќе бидат посетени и ќе се види дали должноста од 70 проценти ја исполнуваат. Некаде можеби се потрошиле залихите, па трговецот немал испланирано нова нарачка, но мислам дека тој проблем е решен, ако го имало некаде и во моментов секаде се доставени јајца по маркетитие и овој производ го има – нагласи Трајковски.

Тој потсети дека телефонскиот број 02/191 за пријавување нерегуларности функционира 24 часа, секој ден во неделата.

поврзани објави

     

Последни објави