ДОЛГОГОДИШНО ИСКУСТВО ВО ПОЛИТИКАТА
ПОГЛЕД.МК: Г. Мицевски, кои се најголемите промени што сте ги забележале во политичката сцена во Македонија од моментот кога влеговте во парламентот до денес?
Во колоритната и богата македонска политичка сцена, во изминативе години откако сум јас избран за пратеник во македонското Собрание, но и од самиот почеток на плурализмот во државава, се случија многу работи, некои беа убави и успешни, а некои беа помалку убави и помалку успешни. Конкретно, покрај разните политички случувања, промени и процеси кои што се случија во Македонија, генерално, она што ме радува и што можам да го издвојам како најголема промена е зголемувањето на политичката свест кај гласачите која со текот на годините забележувам дека се повеќе се зголемува и подобрува. И тоа е одлично, како за граѓаните и државата, но и за политичките партии кои егзистираат на македонската политичка сцена, без разлика дали станува збор за партии на власт или опозиција. Ова го велам затоа што тоа само по себе, од една страна, значи поголема одговорност, транспарентност и професионалност на сите политички чинители на македонската политичка сцена, а од друга страна пак, тоа значи поголема свесност кај гласачите и граѓаните при изборот на своите претставници и оние кои што ќе ги застапуваат и бранат нивните интереси. Така да, таа е промената на политичката сцена која што сум ја забележал, која што најмногу ме радува и која што ми влева надеж дека Македонија може да оди напред и да се развива на секое поле.
ПОГЛЕД.МК: Што Ве мотивираше да останете толку долго во политиката, особено во рамките на ВМРО-ДПМНЕ?
Откако сум во ВМРО-ДПМНЕ, но и генерално во мојот досегашен политички ангажман во политиката, би рекол дека единствената мотивација поради која што сум влегол во оваа работа и која што секојдневно ме инспирира и ми дава сила е желбата за мој придонес во насока на подобрување на условите за живот и подобро утре на сите граѓани во Македонија. Посилна и подобра мотивација од оваа, за мене не постои.
Според мене, секој што се занимава со оваа работа, треба да го води оваа мисла. Општиот интерес и општото добро, треба и мора да се приоритет на секој политичар во Македонија бидејќи тоа е единствениот рецепт за успешна, силна, развиена и просперитетна држава со задоволни граѓани.
ПАРТИСКА ПОСВЕТЕНОСТ
ПОГЛЕД.МК Како ја гледате еволуцијата на ВМРО-ДПМНЕ низ годините?
ВМРО-ДПМНЕ, како и секоја политичка партија, како во Македонија, така и во светот, нормално е да еволуира и паралелно да ги следи политичките и општествените текови и случувања. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија која што постојано се развива, расте и еволуира. Сметам дека тоа е нормален и континуиран процес кој ниедна партија не може и не смее да го заобиколи и избегне. Сепак, мислам дека кај нас има политички партии кои што свесно се обидуваат и пружаат отпор на овој процес, но за жал тие остануваат заглавени во минатото, не можејќи да ги задоволат потребите и барањата на своите гласачи, но и генерално на сите граѓани на Македонија.
ПОГЛЕД.МК: Дали има нешто што би го направиле различно во рамките на партијата?
ВМРО-ДПМНЕ е македонска партија која што е демократска, отворена, транспарентна и партија која што секогаш прифаќа различни мислења, без разлика дали станува збор за мислења и идеи кои доаѓаат од високи партиски функционери или пак од месните комитети, од член и активистите. Токму тоа е силата и предноста на ВМРО-ДПМНЕ како народна партија.
Затоа велам, како и секој нормален и здраворазумен човек, кој има свој интегритет и дигнитет, нормално е да има свои идеи и различни мислења за одредени работи кои ги споделува со своите колеги и сопартијци во рамки на партијата. ВМРО-ДПМНЕ има свои партиски органи и тела пред кои што во секое време секој може да отвори било какво прашање и да претстави било каква своја идеја, каде што подоцна сите заедно, преку партиските тела одлучуваме и ја креираме партиската политика и траекторија по која што сакаме да се движи нашата партија.
На крајот од денот, ВМРО-ДПМНЕ е партија која што во своето име го има зборот „единство“ и токму така секогаш се однесуваме и делуваме.
ПОГЛЕД.МК: Како успевате да останете неповрзан со скандали и контроверзии во политичка кариера која трае толку долго?
Кога еден политичар, но и генерално кога еден човек, својата мотивација за работа ќе ја пронајде во желбата преку своите лични и професионални квалитети да даде придонес за едно општество да стане подобро и поквалитетно, тогаш успехот е неминовен, наспроти, како што велите вие, скандалите и контроверзиите. Мојата животна цел и намера отсекогаш била, без разлика со што се занимавам, да бидам максимално посветен, фокусиран, професионален и искрен во својата работа. Се разбира, оваа цел ме прати и во мојата долга политичка кариера. И токму од овие причини, со гордост можам да кажам дека максимално јас трудам да останам целосно имун на како што велите вие, скандали и контроверзии кои што да бидеме реални, многу политичари, како во Македонија, така и насекаде во светот, не успеваат во тоа.
УЛОГАТА НА КООРДИНАТОР НА ПРАТЕНИЧКА ГРУПА
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како координатор на пратеничката група?
Веќе 7-ма година, ја имам честа и задоволството, но и одговорноста да бидам координатор на најголемата пратеничката група во Собранието, а тоа е пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Предизвикот е огромен и секојдневен, а тоа бара постојана посветеност и сериозен пристап при секоја одлука и во текот на целиот работен ден и извршување на работните обврски и задачи.
Лично за мене, еден од најголемите предизвици како координатор на нашата пратеничка група е, од една страна да се одржи компактност, професионалност, кохезивност и единство во делувањето и одлучувањето на групата, додека пак од друга страна да се одржи и еднаква посветеност, колегијалност и прифаќање на различни мислења помеѓу пратениците. Според мене, одржувањето на балансот помеѓу овие две работи е рецептот за една успешна и функционална пратеничка група чија што примарна цел е да ги застапува и брани интересите на граѓаните кои гласале за нив.
ПОЛИТИЧКИ ПРИОРИТЕТИ
ПОГЛЕД.МК: Кои се главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ во овој парламентарен состав?
Главните приоритети на овој парламентарен состав односно на нашата пратеничка група, како што беше кажано и во кампањата на парламентарните избори, воопшто не се разликуваат од приоритетите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски. Сите пратеници од нашата пратеничка група, макотрпно ќе работиме да ја стабилизираме државата и ќе дадеме наш придонес да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат. Нашите цели и заложби се продуктивна и ефикасна законодавна власт и Парламент, како и носење на квалитетни законски решенија за подобар живот на граѓаните. Но генерално гледано, заедничките цели и заложби на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија се евроинтеграција на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата, забрзан развој на македонската економија, рамномерен регионален развој, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, подобрување на патната и железничката инфраструктура, како и градење на добри односи со сите соседи, но и со сите држави и влади во светот.
ЛИЧНА ПЕРСПЕКТИВА
ПОГЛЕД.МК: Како го одржувате балансот помеѓу личниот и професионалниот живот во таква динамична и стресна политичка кариера?
Интересно прашање.
Најсоодветен и најискрен одговор кој што можам да го дадам на прашањето како го одржувам балансот помеѓу личниот и професионалниот живот е дека целосната, безрезервната и искрената поддршка и разбирање кои што секојдневно ги добивам од моето потесно и пошироко семејство, но и од пријателите и другарите се решението и начинот на кој што успевам да го одржам тој баланс. Слободно можам да кажам дека без нивната поддршка и разбирање, многу потешко би успеал да го најдам балансот помеѓу личниот и професионалниот живот. Тие се мојата дополнителна и позитивна енергија која што ми дава сила да продолжам да работам и функционирам со вакво секојдневно брзо и динамично темпо.
Што би им препорачале на младите кои сакаат да се вклучат во политиката, особено во рамките на ВМРО-ДПМНЕ?
Тргнувајќи од себе, кој како многу млад започнав да се занимавам со политика, најпрво и најважно е кај младите да го вратиме и разбудиме чувството на припадност, љубовта кон татковината, но и надежта дека Македонија може да биде убава, успешна и просперитетна држава од која што нема младите да се иселуваат. За мене, тоа е првиот предуслов за еден човек искрено и чесно да се занимава со политика, а потоа се’ останато.
Инаку, мојот искрен совет до младите кои што сакаат да се занимаваат со оваа работа би бил тие да бидат искрени, чесни и вредни, да се борат за она во што веруваат, да покажат истрајност и трпеливост, и ќе повторам, да ја сакаат својата татковина Македонија бидејќи само така ќе бидат успешни политичари кои ќе останат запаметени во македонската политичка историја како луѓе кои работеле и оставиле траг за доброто на државата и народот.
ИДНИ ПЛАНОВИ
ПОГЛЕД.МК: Кои се Вашите идни политички амбиции? Дали размислувате за повисока функција во партијата или можеби во извршната власт?
Во овој момент, јас како пратеник, но сигурен сум дека и сите останати кои што сме дел од власта, единствено што размислуваме е како сите заедно да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат, да ја вратиме сигурноста и насмевката кај граѓаните, да ја вратиме надежта и да ја вратиме довербата во институциите. Верувам дека тоа е единственото нешто за кое што размислуваме во овој момент бидејќи државата е на колена, економијата е уништена, а граѓаните се разочарани и незадоволни.
Секогаш, мојот двигател бил напорната и посветена работа без разлика на која позиција сум во моментот. Воопшто не размислувам за идни или други можни политички функции, туку силно сум фокусиран на моите сегашни ангажмани во Собранието и во партијата и затоа целата моја енергија ја насочувам во насока на подобрување на условите за живот во Македонија. Секогаш и без исклучок на прво место ги ставам општите и државните интереси наспроти личните интереси и амбиции.
ПОГЛЕД.МК: Што сметате дека треба да биде најголемата оставштина на Вашата политичка кариера?
Многу добро и суштинско прашање за еден човек кој што одбрал да се занимава со политика.
Како што кажав и во одговорот на едно претходно ваше прашање, сметам дека најголема оставштина на еден политичар треба и мора да бидат делата и проектите кои ги има оставено зад себе како резултат на својата макотрпна работа и посветеност. Исто така, според моите критериуми и вредности кои еден политичар мора да ги поседува, морам да го истакнам и делот кој е многу важен и за кој особено сум внимателен, а тоа е чесноста и неповрзаноста со никакви скандали и црни дамки во мојата политичка кариера, но и генерално во мојот професионален работен век.
Оттука, би бил малку нескромен и би рекол дека сум горд и задоволен од текот на мојата досегашна политичка кариера и големиот број на проекти, како за мојот роден град Штип, така и за Македонија, за кои што сум дал огромен личен придонес и неуморно сум се борел за тие да станат реалност. Токму ова е причината поради која што се’уште сум активен во политиката и сигурен сум дека така ќе продолжам и во иднина.