11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

“Заборавените заклетви: Политичките олигарси што го продадоа народот”

Понекои лиери на партии, некогаш симболи на надеж и ветување, денес претставуваат само сенки на она што некогаш ги правеше блиски до народот. Вашите имиња, некогаш произнесувани со почит, денеска се пример за падот на идеалите. Ги оставивте оние кои веруваа во вас, кои ги вложија своите животи, својата надеж, и својот труд за да ве видат како светлосен зрак на промени. Наместо да возвратите со дела, вие ги напуштивте, за да се посветите на вашиот личен комодитет, вашите бизниси и вашите богатства.

Што направивте за тие луѓе? Оние што ги поддржаа вашите амбиции, кои аплаудираа додека вие се воздигнувавте? Им ветивте промени, подобри работни места, стабилност. Но кога беше најпотребно, кога беше време да покажете лидерство, да возвратите на нивната верба, ги оставивте на работ на егзистенцијата. Вашите зборови останаа празни, а вашите дела — одек на себичноста.

Сега, од удобните фотелји, зборувате за Македонија како да ви е мајка. Македонија не ви е ни дом, а камоли мајка! Вие ја третирате како трговска стока, нешто што може да се искористи додека е полезно, па да се заборави кога ќе престане да биде. Ниту едно ваше дело не сведочи дека мислите на народот, на иднината, на вредностите што некогаш ги промовиравте.

Времето на вашиот збор, вашето влијание, и вашите лаги, заврши. Народот ве одмери и ве најде недостојни. Народот знае да даде, но исто така знае да земе. Она што ви останува не е поддршка, туку тежината на разочарувањето што ја предизвикавте.

Вие можеби мислите дека сте победници, со полни сметки и испразнети совести, но вистинската победа е во довербата и љубовта на народот. А тоа е нешто што никогаш повеќе нема да го имате. Македонија не ви припаѓа. Македонија е на тие што ја љубат со дела, а не со зборови.

поврзани објави

Последни објави