8.8 C
Skopje
Friday, January 10, 2025

„Брутална егзекуција: Обвинетите за двојното убиство на Вања и Панче се соочуваат со непобитни докази“

Судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски: Изведени нови материјални докази

Во Основниот кривичен суд денеска продолжи судењето за двојното убиство кое ја потресе јавноста – смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. На рочиштето обвинителката Жаклина Трајковска образложи 180 од вкупно 197 материјални докази, кои ги откриваат деталите за ова грозоморно дело.

Обвинителството презентираше докази поврзани со локациите каде што биле пронајдени жртвите, увидите на истражните органи, пронајдените траги, обдукциските извештаи, како и психијатриските вештачења на обвинетите. Според наодите, жртвите биле егзекутирани со истрел во глава од непосредна близина, користејќи куршуми со калибар од 9 милиметри. Обдукцијата потврди дека и Вања и Панче биле живи во моментот на егзекуцијата.

ДНК анализата од самолепливата лента на устата на Вања укажува на мешани траги, меѓу кои и траги поврзани со обвинетиот Велибор Манев. Во возилото „Рено Кангу“ што го користеле осомничените, биле пронајдени траги од цигари и други докази кои ги поврзуваат Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видоевски со местото на злосторството.

Судијата Ивица Стефановски го одби барањето на обвинетиот Љупчо Палевски за негово изземање од процесот, и покрај наводите за наводна спрега помеѓу судот, полицијата и обвинителството.

Психијатриското вештачење потврди дека обвинетите биле пресметливи и свесни за своите дејствија во моментот на злосторството. Дополнително, извештаите укажуваат на тешките психички трауми и страдања што ги претрпеле жртвите пред нивната смрт.

Обвинетите Палевски, Видоевски, Манев и Кешишов, заедно со таткото на девојчето Александар Ѓорчевски, се произнесоа дека не се чувствуваат виновни. Според обвинението, тие го испланирале грабнувањето на девојчето за да изнудат откуп од нејзиното семејство, додека Панче Жежовски бил принуден да го предаде своето возило, кое требало да се користи за извршување на планот.

Следното рочиште е закажано за 20 јануари, кога ќе продолжи изведувањето на преостанатите материјални докази.

поврзани објави

Последни објави