Пишува: Марио Милчевски
Триесет години сме сведоци на притисоци, уцени и негирање на нашето суштинско постоење. Триесет години се обидуваме да изградиме добрососедски односи, да покажеме дека сме народ кој верува во соработка и разбирање. Но, доаѓа момент кога човекот, па и една нација, мора да каже: „Доста е!“ Ние сме Македонци, со своја култура, свои обичаи, свој јазик и историја. Во 21 век, да се обидуваш да му наметнеш некому дека е нешто што не е, дека неговата историја и јазик не постојат, е врв на безобразието.
Преспанскиот договор беше огромна отстапка од македонската страна. Тоа беше светски преседан – никогаш досега во историјата, една земја по барање на друга не го променила сопственото име. Овој компромис беше направен со надеж дека ќе го отвори патот кон Европската унија. Наместо тоа, добивме нови пречки, ново вето – овој пат од Бугарија.
Бугарските барања, кои го напаѓаат нашиот јазик, идентитет и историја, се апсолутно неприфатливи. Од друга страна, сведоци сме на навредливи скандирања среде Скопје – „Македонија е бугарска“. Како може некој да очекува добрососедски односи и пријателство со ваков речник и однесување? Никој во Македонија нема да прифати вакви диктати, ниту ќе се согласи со тврдењата дека сме бугари. Така не се гради доверба, ниту соработка.
Да се потсетиме, Бугарија се фали дека прва ја признала независноста на Македонија. Но, каква е вредноста на тоа признание, ако цело време ни прават сопки? Нивната политика кон Македонија повеќе личи на алатка за собирање политички поени дома, отколку на искрена желба за пријателство.
Напредокот на Македонија е важен, но не по секоја цена
И покрај сите притисоци, напредокот на државата останува наш врвен приоритет. Немаме друга алтернатива освен Европската унија. ЕУ претставува шанса за подобар живот за сите граѓани, за економски раст и за стабилност. Но, Европа мора да сфати дека македонскиот народ нема повеќе да прави отстапки на своја штета. Нема ништо поважно од достоинството. Џабе се пари, фондови и финансиски придобивки, ако народот чувствува дека го изгубил своето национално јас.
Големите сили мора да се вклучат во решавањето на овој спор. Бугарија не смее да ја држи Македонија како заложник. Европејците мора да разберат дека оваа ситуација може да ги охрабри оние што шират европскептицизам. Македонците секогаш гледаа кон ЕУ како кон свој сон, но ако продолжи ова одложување и неправда, ќе расте бројот на луѓе кои не ја гледаат Македонија во Европа.
САД – пријател и поддржувач
Во оваа борба, не смееме да го заборавиме сојузништвото со САД. Тоа е држава која со години го поддржува нашиот суверенитет и независност. Без нивната помош, Македонија немаше да биде тоа што е денес. Одличните односи со САД се гаранција дека нашата држава ќе продолжи да се развива и ќе остане стабилна.
Достоинството е најважната вредност што ја имаме. Македонија ќе продолжи да се стреми кон членство во ЕУ, но тоа мора да биде со зачуван идентитет и јазик. Европа ќе биде комплетна со Македонија како дел од неа. Македонците не бараат привилегии, туку правда и почитување. Сите што веруваат во европските вредности треба да го разберат тоа.