Попов за “Поглед”: Секунда невнимание, години последици – По сообраќајната несреќа, никогаш повеќе не седнав зад воланот
ПОГЛЕД: Г. Сергеј Попов, јавноста бурно реагираше на судската одлука со која сте казнети со 500 евра за учество во сообраќајна несреќа. Оваа одлука предизвика дополнителни реакции, особено по трагичната несреќа на булеварот „Партизанска“, каде животот го загуби младата Фросина Кулакова. Како го коментирате судскиот исход и критиките што ги добивате од јавноста?
Одговор: Не ги коментирам одлуките на судот, сметам дека тоа прашање треба да го поставите на друга адреса.
ПОГЛЕД: Дали чувствувате морална одговорност за инцидентот, особено имајќи предвид дека сте јавна личност и претставник на младите?
Одговор: Секој човек во животот прави грешки, но важно е како се соочува со нив и какви поуки извлекува. Пред 11 години, на 18-годишна возраст, направив грешка за која ја презедов целосната одговорност. Судот ја донесе својата одлука, ја прифатив казната и ги исполнив сите обврски кон лицата кои беа засегнати. Ова беше тежок период за мене и за моите најблиски, но и важна лекција за одговорноста што ја носи секој учесник во сообраќајот. Она што е неопходно да се каже е дека од тој момент никогаш повеќе не сум седнал зад волан, ниту сум полагал за возачка дозвола, затоа што сметам дека безбедноста на улиците и патиштата мора да биде приоритет. Оттаму, недозволиво е да се прават паралели и да се злоупотребуваат лични судбини за политички манипулации, како што е во овој случај. Политиката треба да се води со идеи, со автентични решенија за проблемите на граѓаните, а не со поентирање на туѓи лични грешки. Останувам посветен на градењето на едно поправедно и поодговорно општество, во кое вистината и принципите ќе имаат поголема вредност од дневно-политичките пресметки.
ПОГЛЕД: Што би им порачале на младите возачи кои гледаат на овој случај како преседан?
Одговор: Секој учесник во сообраќајот има одговорност да се придржува до правилата и да вози совесно, без разлика на околностите. Законите постојат за да го заштитат секој учесник во сообраќајот, а нивното почитување е најдобриот начин да се избегнат несакани последици. Младите возачи треба да бидат свесни дека безбедноста во сообраќајот не зависи само од казните, туку од нивната лична одговорност и внимателност.
ПОГЛЕД: Г. Сергеј Попов, како го оценувате моменталниот стандард на младите во Македонија? Многумина млади заминуваат во странство во потрага по подобри услови – што е неопходно да направи актуелната власт за да ги задржи во земјата?
Одговор: Младите во Македонија се соочуваат со сериозни економски предизвици, ниски примања и недостаток на можности за професионален развој. Токму затоа многумина ја напуштаат државата во потрага по подобри услови. За да се спречи овој тренд, како власт преземаме конкретни чекори: да создадеме стабилна економска средина, да ги поттикнеме инвестициите, да овозможиме повисоки плати и подобри услови за младите професионалци. Дополнително, работиме на политики кои ќе ги поддржат младите претприемачи, како и системски реформи во образованието кои ќе ги усогласат вештините на младите со потребите на пазарот на трудот.
ПОГЛЕД: Како гледате на моменталните услови во студентските домови и квалитетот на високото образование? Дали сметате дека студентите имаат солидни услови за живеење и храна?
Одговор: Свесни сме дека студентските домови и квалитетот на високото образование со години наназад не беа на потребното ниво. Многу генерации студенти поминаа низ тешки услови, соочувајќи се со проблеми како несоодветна инфраструктура, лоши санитарни услови, недоволен капацитет во домовите, како и со предизвици поврзани со квалитетот на исхраната. Дополнително, образовниот систем се соочуваше со застарени наставни програми, недостаток на практична настава и недоволна поддршка за студентите да се поврзат со пазарот на трудот. Токму затоа, како Влада, презедовме одлучни чекори за подобрување на состојбата и активно работиме на реформите што ќе донесат вистинска промена.
Инвестираме во реновирање на студентските домови, со посебен акцент на хигиенските и безбедносните услови. Нашата цел е да создадеме сместување кое ќе биде функционално, удобно и на ниво што студентите го заслужуваат. Дополнително, вложуваме во унапредување на исхраната, обезбедување на квалитетна храна и подобрување на мензите, бидејќи знаеме дека правилната исхрана е клучна за секој студент. Сите овие мерки се посветени кон подобрување на студентскиот стандард, бидејќи веруваме дека студентите треба да имаат достоинствени услови за живот и учење. Што се однесува до квалитетот на високото образование, нашата заложба е целосна модернизација на наставните програми, воведување на повеќе практична настава и подобра поврзаност со реалниот сектор. Работиме на тоа студентите да стекнат применливи знаења и да бидат конкурентни на пазарот на трудот, како во Македонија, така и на меѓународно ниво. Свеста за овие предизвици не е доволна – затоа ние преземаме конкретни чекори за промена. Минатото покажува дека студентите се соочуваа со големи проблеми, но ние сме решени да ставиме крај на тоа и да изградиме систем кој ќе биде на високо ниво. Нашата цел е студентите да добијат квалитетни услови, подобро образование и повеќе можности за иднината.
ПОГЛЕД: Како гледате на моменталната политичка ситуација во државата? Што мислите за актуелните чекори на Владата и како се подготвувате за претстојните избори … која е вашата порака до граѓаните?
Одговор: Политичката ситуација во државата е динамична, но Владата останува посветена на реформите, економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Свесни сме за предизвиците со кои се соочуваме, но исто така, факт е дека превземаме конкретни чекори за подобрување на условите во сите сектори – од економијата и инфраструктурата до здравството и образованието. Во пресрет на претстојните избори, ние како владејачка партија ги интензивираме активностите за да ја доближиме нашата програма до граѓаните. Веруваме во транспарентна кампања, заснована на реални проекти и мерки кои имаат за цел да ја унапредат државата. Нашата главна порака е јасна: стабилноста, економскиот раст и интеграцијата во ЕУ остануваат наши приоритети. На граѓаните би им порачал да ја препознаат разликата помеѓу реалните решенија и дневната политика. Политиката не е само критика – таа подразбира работа, посветеност и конкретни резултати. Верувам дека заедно можеме да продолжиме по патот на развојот и да обезбедиме подобра иднина за сите.