12.8 C
Skopje
Friday, July 11, 2025

Штипјанецот што пие кафе со славните – Ангел за дружбата со Роналдо, Кара Делевињ и Новак Џоковиќ (ФОТО)

Ѕирнете во светот на харизматичниот Штипјанец кој се дружи со Роналдо, Кара Делевињ и Новак Џоковиќ – живот полн со уникатни средби, приказни и лекции

Штипјанец по потекло, но светски човек по дух и искуство – Ангел Ѓоргивски е име кое остава впечаток каде и да се појави. Со природна харизма и нескротлива енергија, неговиот пат го одвел до дружења со некои од највлијателните и најпознатите личности од светот на спортот и шоубизнисот.

Меѓу нив се легендарниот Патрик Мекинро – селектор на американскиот Дејвис куп и претседател на Тениската куќа на славните, актерката и манекенка Кара Делевињ, фудбалскиот виртуоз Роналдо, како и тениските великани Роџер Федерер и Новак Џоковиќ. Ова интервју е можност да ѕирнете во светот на Ангел – полн со интересни средби, уникатни приказни и вредни животни лекции.

МОЈОТ ШТИП: Ангел, каде моментално живееш и работиш, и како изгледа еден твој просечен ден?

Последниве месеци сум повторно на карибите, поточно на островот Невис, кој ми е најомилен, вистински рај. После повеќе години живеење во Азија (Катар и Малезија) решив да се вратам пак на карибите, каде претходно живеев, две години на островот Ст. Мартин и половина година на островот Невис. За еден просечен ден би рекол дека се состои од 4-5 часа тенис, неколку часа плажа, читање книга, прошетка, ептен релаксирачки начин на живот.

МОЈОТ ШТИП: Твојата насмевка и позитивна енергија се заштитен знак. Од каде ја црпиш таа непресушна мотивација и радост за животот?

Фала ви на комплиментот, одговорот ми е едноставен. На животот гледам како подарок, постоиме и имаме можност да избереме како ќе го искористиме тој подарок наречен живот. Ништо не е вечно и постојано во нашите животи, постојано се случуваат промени и настани како во нас така и околу нас на кои најчесто немаме влијание. Токму затоа решив јас да си го креирам животот на мој начин. Да бидам среќен и весел максимално колку се може, секогаш да се трудам да ги гледам ситуациите позитивно, поучно и со многу разбирање. Да им дадам шанса на мојот внатрешен глас и чувства во склоп на мојата природа.

МОЈОТ ШТИП: Ти си човек кој постојано патува и работи со врвни професионалци. Можеш ли да ни откриеш со кои пет светски тениски ѕвезди си имал чест да тренираш, и кој од нив ти оставил најголем впечаток – и зошто?

Да, вистина е дека имам пропатувано многу, на сите страни на светот и сретнато многу луѓе од различни култури, традиции и професии. Од тениските ѕвезди сум запознал многу и тоа некои од најголемите, но не сум имал тренинзи со нив, зошто реално тоа е друга сфера на професионалност. Мојата работа е повеќе клиентски тенис а не натпреварувачки тенис. Модерниот натпреварувачќи тенис го гледам како еден вид на гладијаторство, со многу стрес и страдање, каде само неверојатна пожртвуваност и дисциплина можат да дадат резултати. Затоа јас го избрав клиентскиот тенис да го работам зошто е огромна разлика, овде се е со леснотија, со радост, задоволство, забава, насмевки, скоро секогаш одлични и среќни резултати. Благодарение на овие мои начини на работа сум омилен меѓу моите клиенти и тоа ми овозможи често да добивам интересни понуди и да бирам каде да работам. Инаку најомилен лик кој сум го сретнал е Новак Џоковиќ, кога дојде со семејството да играат тенис каде што работев. Бев изненаден од неговиот пријателски однос и почит што ми ја посвети. Можам да кажам дека е многу скромен и приземен човек. Исто така и една случајна средба со Ана Ивановиќ и нејзините родители, кои овозможија на еден тениски турнир, да моите ученици и пријатели влезат во просториите за играчите и да се сретнат со Ана, која им даде подароци. Тоа беше многу убава енергија на таа средба зошто на моите пријатели, Ана им беше идол и најомилена тенисерка.

Роџер Федерер, спортска легенда и светски број 1 во тенис. 20 грен слем титули.
Ана Иванович, светски број 1 во тенис. Грен слем шампион
Ана Иванович, светски број 1 во тенис. Грен слем шампион

МОЈОТ ШТИП: Каква дисциплина и дневна рутина практикуваш за да бидеш постојано во форма – и физички и ментално? Како започнува и завршува еден твој ден?

Многу добро и важно прашање, понекогаш се случува по цел ден да сум на тениските терени и да биде исцрпувачки. Затоа кога не сум на работа, обожавам да одморам и физички и психички. Баш овие месеци, секој слободен миг бев на плажа, пливање, читање мудри книги, вежби за релаксација, вежби за обнова на телото, прошетки во природа, позитивно и весело размислување, дружење со квалитетни луѓе и други слични работи.

МОЈОТ ШТИП: Како изгледа еден тренинг со тебе? Што најмногу бараш од твоите ученици – дали тоа е техника, посветеност или нешто друго?

Мојта главна цел е моите клиенти (ученици, студенти) да ги направам среќни, весели, задоволни, да ги мотивирам да продолжат со учење и тренирање, зошто само со постојана работа и безброј повторувања, резултатите и подобрата игра ќе бидат евидентни и почувствувани. Баш пред некој ден овде на карибите имавме тениски камп каде работев заедно со една тениска легенда Патрик Мекинро кој ми рече дека имам вистински талент во работа со луѓе и ме покани во неговата тениска академија во Њујорк. Понуди за работа добивам постојано од разни страни на светот, но за мене не е се во работата, туку во слободното време и балансот. Затоа ја избрав оваа професија, зошто ми дава многу задоволства и слобода.

Новак Џокович, најдобар спортист на сите времиња, 24 Грен слем титули.
Новак Џокович, најдобар спортист на сите времиња, 24 Грен слем титули.

МОЈОТ ШТИП: За крај – која е твојата животна филозофија? Испрати ни една силна мотивациска порака која би ги охрабрила младите да сонуваат и да не се откажуваат.

На ова прашање можам со денови да одговарам, без прекин! Едноставно, најважно е да се биде добар со себе си и со другите, да се биде скромен во успехот и достоен во неуспехот ако се има вложено многу труд. Животот има и прекрасни и весели периоди но исто така и темни. – Продолжи да бидеш добар, труди се да помагаш секогаш и на секого. Учи за животот во секој миг и во секоја ситуација и користи го наученото низ дела за подобра иднина на сите нас. Оваа можност ја имаме сега и не знаеме дали ќе ја имаме утре, затоа денеска бидете вашата најдобрата верзија.

Бастиан Швајнштагер, светски првак во фудбал и капитен на Германија, Баерн, Манчестер јунајтед.
Бастиан Швајнштагер, светски првак во фудбал и капитен на Германија, Баерн, Манчестер јунајтед.
 Viktor Viktor Vukanovski

Viktor
Viktor Vukanovski
Патрик Мекинро, селектор на американскиот тим во Девис куп; претседател на тениската кука на славните; тв коментатор.

поврзани објави

     

Последни објави