21.8 C
Skopje
Friday, July 11, 2025

Мицкоски: Денес Бугарија работеше против нас, светот виде со што се соочуваме како народ во 21 век

Остануваме горди, со крената глава. Денес Бугарија работеше против нас. Денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век. Денес комотно и на очиглед на сите на Европа можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина, на површина, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на вонредна прес-конференција.

„Секогаш сум искрен и отворен, и да ги кажувам работите со вистински зборови, а не како политичарите во минатото да ја заобиколувам вистината. Од мене секогаш ќе добивате само искреност. Во политиката влегов поради тоа. Затоа што сум дел од онаа излажана генерација од срушени соништа за сопствената држава и мечтаевме да бидеме дел од ЕУ, а добивавме корупција и неправди. Македонската историја е втемелена на неправди, од секогаш. Ние нема никогаш да се соочиме со предизвиците, ако не ги идентификуваме, и не ги победиме. Затоа велам неправда. Нека го слушнат ова сите, и не само Македонците, туку нашите пријатели Албанците, Турците, Ромите, Србите живеат со тие неправди и се со нас рамо до рамо со децении и векови. Денешниот ден не е ништо поинаков од другите, овој ден е ист како и многу други, по својата суштина. Сетете се само на низата неправди, промена на знамето, на името, насилните упади, конфликти, болната транзиција, позитивните извештаи на напредокот на земјата во ЕУ, кои остануваат да зјаат во безизлезноста. Овој ден е ист таков. Има еден момент, една длабока минута која нема да дозволи да биде целосно ист. Ќе биде одредница на еден нов пркос. Овој ден како и многу други остануваме горди и со крената глава. Македонија е блокирана на европскиот пат од Бугарија. Но, таа блокада не почна денеска, ниту ќе заврши денеска. Таа почна во 1991 година, се случи еден гест од Бугарија на посебноста на една држава, но не се признава јазикот и народот. Бугарија ја призна нашата држава, но не и нашата нација. Требаше да видат некои политичари дека источниот сосед има поинаква агенда“, изјави Мицкоски и дополни:

„Нашите политичари се одлучиле чекор по чекор да одат и да го сочуваат мирот кон евроинтеграциите. И тоа е во ред. Дали тезата времето работи за нас, историјата ќе покаже. Но, факт е дека Бугарија работеше против нас. Почнавме низа активности кои ќе придонесат за наоѓање долгорочно решение на нашиот проблем. Немавме амбиции ниту лажна надеж дека ќе успееме. Ја знаеме ситуацијата во Унијата. Не сме наивни, сето ни беше совршено јасно, никој не беше на тоа дека сега и денес ќе се реши се. Токму затоа го напоменувам признавањето на државата во деведесетите од страна на прв сосед. Јасен показател ни е дека имаат јасна агенда и план, и дека сакаат да ја уништат македонската нација и идентитет“, рече Мицкоски.

Премиерот Мицкоски рече дека сега Европа може да види со какви предизвици се соочува Македонија.

„Конечно, треба да видат Светот какви предизвици и неправди се соочуваме како народ во 21. век. И да оставиме трага на вистината. Ова е нашиот Крушевски манифест, со кој конечно мора ние самите да се мобилизираме и да ги организираме сите пријатели и сојузници, затоа што ова е борба за фундаментални човекови права и вредности. Ние сме вистинската страна на историјата, а Бугарија видовме дека знае да ја „утне“ вистинската страна. Оваа борба ниту почнува, ниту завршува денеска. Македонија сите перипетии, колку и да се трагични, имаат успешна дефиниција. На Европа можеме да и кажеме дека вистината излезе на виделина. И на површина излегоа и оние кои измислуваа за наводни реформи кои излегуваат и наводно за бугарско малцинство кое треба да влезе во Устав и бегаа од суштината. Тие совршено знаеја што е суштината на овие барања, а поврзани со последниот предлог. Услови кои ги нема за никого, сите знаевме, и сега само ги соочивме со нив на еден наједноставен начин. И еве сега тоа им е на тацна, и затоа не сакам никого, никогаш, никој да ми споменува дека бугарското малцинство е проблем. Тие неколку стотини луѓе, дали биле во Устав или не, не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме. Суштината е повеќе од тоа, и тоа се виде со овие чекори кои ги презеде нашиот сосед. И ќе остане запаметено дека извештајот помина на АФЕТ, и се најде на масата пред да помине оној срамен амандман. За првпат во независна Македонија. Што не направи Македонија, какви отстапки, какви понижувања. Наместо подадена рака, ние запаѓаме во нови кризи. Кога волците чекаа тука да дојдат лидери кои се корумпирани, кои се откажуваа од својот народ, од својот јазик. Најголем проблем за понижувањата е тоа што тие имаа темели во корумпирани полчитичари и неодговорни лидери“, рече Мицкоски.

Потоа се заблагодари до пријателите од Европската унија кои веруваат во вредностите да бидеме дел од ЕУ.

„Благодарност до пријателите од ЕУ, кои ни помогнавте и ни помагате, кои се уште верувате во нашите вредности како дел од Европското семејство. Нема да ве разочараме. Ќе се обидеме да ја приближиме земјата кон ЕУ, затоа што членството на мојата татковина во ЕУ не е само цел, тоа е потреба, но заедничка потреба. Борбата е и ќе биде тешка, но јас сум подготвен. Ние сме малубројна земја, но со големо срце. Не ми е важна никаква политичка кариера, нема ништо поважно од македонските интереси. Нема да дозволиме да се случи ново предавство, и да се отстапи од македонските интереси, и тоа е завет кој ВМРО го има во својот код. Јас сум само моментален функционер, кој презел одговорност да служи на мојот народ и да го подобри животот на граѓаните. Работам ден и ноќ да ја реализирам таа цел. Не е воопшто лесно, напротив, мака мачиме да излеземе од заврзламите во кои е втурната Македонија, и да ги обновиме инситуциите и да ја обновиме нашата држава. Сеуште е рано народот да го почувствува тоа. Оптимист сум дека само со ваков искрен и чесен однос и кажување на работите како што се, за Македонија доаѓаат добри денови. Најавувам низа активности и очекувам сојузништво дека со МАНУ, партиите од другите етнички заедници, опозициската СДСМ и другите кои сакаат да помогнат, и да покажеме на светот дека сме тука и дека се уште стоиме и после се“, рече Мицкоски.

поврзани објави

     

Последни објави