2.8 C
Skopje
недела, октомври 5, 2025

„Перински за Поглед.мк: Со инвестиции од приближно 20 милијарди денари ја градиме иднината – дома, во секоја општина“

ПОГЛЕД: Господине Перински, наведовте дека приближно 20 милијарди денари се ставени на располагање на општините за имплементација на 1200 проекти во текот на помалку од една година. Со оглед на обемот на овие средства и бројот на проекти, дали може да ни прецизирате какви се очекувањата од оваа инвестиција – како во однос на директните придобивки за граѓаните, така и во поглед на долгорочните структурни промени на локално ниво? Имајќи предвид дека досега честопати сме сведочеле на недоволна искористеност или непродуктивна реализација на вакви фондови, кои механизми на контрола, евалуација и транспарентност се предвидени за да се гарантира дека средствата ќе бидат искористени ефикасно, со видлив и одржлив ефект врз квалитетот на живот во општините?

– Секој граѓанин во секоја општина е свесен дека досега ваква поддршка од Централната власт немало за локалната самоуправа. Од тие причини општините не успеваа да реализираат позначајни капитални проекти.

Сега имаат можност проектите коишто чекале некои подобри времиња да станат реалност. Во најголем број, тоа значи изградба на нова патна инфраструктура. Знаат граѓаните што значи нов пат до дома, до училиштето, брз и безбеден пристап до работното место. Денеска мобилноста е еден од најважните услови за подобрување на стандардот на живеење. Ние го правиме токму тоа, го подобруваме стандардот на живеење и со нови училишта, нови детски градинки, нови спортски објекти, подобра комунална инфраструктура и урбана опрема.
Секако контрола има над секој потрошен денар. Контрола над средствата и реализацијата на проектот прави и општината каде се спроведува проектот и ресорното министерство. Тоа значи дека се следи наменското користење на средствата во текот на целата имплементација.

Досега може да бидеме задоволни. Секој градоначалник е заинтересиран да направи што повеќе за граѓаните. Динамиката на реализација на проектите е огледало за менаџерските способности на локалните власти. Реализацијата на секој проект што го финансираме значи подобра услуга, значи развој на општината, значи можност повеќе за инвестирање во нови бизниси, во работни места и во краен случај, мотивација плус за граѓаните да останат да живеат и да ја градат својата иднина во својата општина, дома.

ПОГЛЕД: Велите дека сте цврсто посветени на процесот на децентрализација и на јакнење на капацитетите на општините преку обезбедување конкретна поддршка и градење европски стандарди на локално ниво. Конкретно, што подразбирате под „градење европски стандарди“ – дали станува збор за институционални реформи, дигитализација, транспарентност, или нешто друго? Како точно се реализира таа поддршка што ја споменувате – дали преку обуки, финансиски механизми, експертска помош или законодавни измени? И конечно, кои се клучните индикатори преку кои ќе го мерите успехот на овој процес на децентрализација?

– Децентрализацијата е процес којшто е секогаш актуелен, затоа што барањата на граѓаните оправдано се се поголеми, нивните очекувања од локалните власти се брзо и квалитетно решавање на нивните секојдневни потреби.

Од друга страна се поголеми се и очекувањата на локалните власти од централната власт во смисла на подобрување на системот на локална самоуправа, финансиска поддршка за реализација на проекти, континуирано зајакнување на капацитетите. Владата и Министерството за локална самоуправа работиме и обезбедуваме системска поддршка на општините во однос на сите наведени аспекти.
Владата ги усвои измените на Законот за локалната самоуправа, Законот е во собраниска процедура, за прв пат од донесувањето на овој Закон во 2002 година пристапивме кон подобрување на системот. Се зголемува транспарентноста и отчетноста на локалните власти, граѓаните сега имаат механизам за смена на градоначалник, за поголемо вклучување во креирањето на локалните политики и за следење на реализизацијата на се она што било ветено од локалните власти. Исто така се обезбедуваат и законски гаранции за зајакнување на комуналниот ред и поодговорен однос на граѓаните кон јавното добро, поголема грижа за јавната хигиена, за просторот во кој живееме и за којшто сите треба да се грижиме-локалните власти, но и граѓаните подеднакво.

Услугите во општините ги подобруваме и преку дигитализација на административните услуги, процесот е започнат и ќе го заокружиме со опфат на сите општини. Секој граѓанин има право на подеднакви јавни услуги, без разлика на местото на живеење.

Рамномерниот развој е наш приоритет. Министерството за локална самоуправа финансира проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на осумте плански региони.

Но, најголема поддршка за општините досега обезбеди Владата преку финансирањето на капитални инфраструктурни во сите општини. Градоначалниците добија можност да реализираат проекти од суштинска важност за граѓаните. Потврда за тоа се 1200 аплицирани проекти од сите општини на двата објавени јавни повици. 288 проекти од првиот јавен повик се во фаза на реализација, но има и завршени со реализација. Процесот на евалуација на проектите од вториот јавен повик е завршен, одобрени се 828 проекти, набрзо ќе бидат потпишани и договорите со надлежните министерства по што ќе отпочне нивната имплементација. Во првиот повик беа финансирани повеќе од 4,5 милијарди денари, во вториот повик околу 13,9 милијарди денари, скоро 20 милијарди за само една година за приближно 1200 проекти.

И она што е многу важно за општините, постојано работиме на зајакнување на нивните капацитети во повеќе области. Она на што посебно ставаме акцент е подготвеноста на општините за изработка на квалитетни инфраструктурни проекти. Многу од проектите што се финансираат со средства од централниот буџет се изработени со поддршка на Министерството за локална самоуправа. Овој тип на поддршка ќе продолжи и понатаму преку развивање на Ресурсен центар за општините.

Сите овие активности и проекти имаат за цел да ја зајакнат локалната самоуправа, да се подобрат услугите за граѓаните и да се создаде основа за рамномерен локален и регионален развој.

ПОГЛЕД: Како министер за локална самоуправа, каква е вашата генерална оцена за работата на градоначалниците низ земјата? Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат во имплементацијата на локалните политики, а каде гледате простор за значително подобрување? Дали сметате дека има доволна координација помеѓу централната власт и општините за да се овозможи поефикасна реализација на проекти и услуги?

– Секоја општина е огледало на работата на локалните власти. Многу работи зависат од менаџерските способности на градоначалниците и нивниот однос кон граѓаните. Има и објективни предизвици. Секогаш потребите се поголеми од можностите, ние сме земја со ограничени финансиски ресурси, истите предизвици ги има и централната власт, но постојано треба да се бараат решенија, процесите не смеат да застанат. Во изминатата година работевме на зајакнување на механизмите за координација меѓу локалната и централната власт. Ние сме партнери во реализацијата на проектите, за тоа зборува и работата на националниот Совет за рамномерен регионален развој со кој раководам. Сите документи, сите важни одлуки се донесени по претходна консултација и отворена дискусија на седниците на Советот. Засега функционираме во интерес и на задоволство и на двете нивоа на власт, а пред сè за подобри услови за живеење за сите граѓани.

ПОГЛЕД: Загадувањето на воздухот е еден од најсериозните предизвици со кои се соочуваат нашите општини, особено во зимските месеци. Како министерство планирате да се подготвите и што конкретно ќе преземете за да обезбедите подобра и почиста животна средина? Кои се најитните мерки што ќе бидат имплементирани на локално ниво за намалување на загадувањето, и како ќе ги вклучите општините и граѓаните во овој процес?

– Има многу проекти коишто се имплементираат во општините преку буџетската програма на Министерството за локална самоуправа, проекти кои се финансирани од ЕУ програмтаа за прекугранична соработка, а и преку надлежното министерство, Министерството за животна средина и просторно планирање. Сепак проблемот постои, особено во градот Скопје. Тоа се сериозни долгорочни и скапи мерки од кои што нема откажување, здравјето е во прашање и мора да останат приоритет и за централната и за локалните власти, особено за новиот градоначалник на градот Скопје, кој на овој план мора да понуди одржливи решенија, се разбира со поддршка на Владата и на надлежните министерства.

ПОГЛЕД: Господине Перински, како министер во оваа Влада, кое би го издвоиле како најголемо достигнување во изминатата година? Дали сте задоволни од сработеното досега и кои се вашите најголеми предизвици и очекувања за иднината, особено во контекст на развојот на локалната самоуправа и подобрување на условите за живот на граѓаните?

– Зад мене е една година сериозна и посветена работа во Министерството за локална самоуправа. Покажав дека Министерството за локална самоуправа може и треба да биде активен партнер на општините и двигател на рамномерниот регионален развој на еден системски начин преку реализација на одржливи и корисни проекти во сите општини. За само една година зборуваме за 1200 капитални инфраструктурни проекти во сите општини во вредност од 20 милијарди денари. Тоа значи нови подобри услуги, нови можности за локалните бизниси, нови работни места, поттик за младите дека можат и во својата општина да ја градат својата иднина. Тоа е мојот најголем предизвик, општините целосно да ги стават во функција своите развојни потенцијали и да ги поттикнат младите да работат и да живеат дома, заедно да ја градиме иднината на нашата земја.

ПОГЛЕД: Преку иницијативата „Каде што срцето е дома“ вие воведовте поотворен и непосреден пристап во работата со општините, кој се темели на блиска соработка и заедничка визија за развој. Што најмногу заклучивте од овие посети и средби со локалните заедници? Кои се позитивните ефекти кои ги препознавте како резултат од овој пристап, и каде гледате дека треба да се направат промени или подобрувања за уште поуспешна имплементација на проектите и остварување на локалните потреби?

– Целта ми беше да ги чујам потребите на граѓаните директно од нив, не преку посредници, најважен е живиот збор, личната комуникација. Сите ние носители на функции имаме обврска да работиме за доброто на граѓаните, а кој најдобро знае што им е потребно од нив самите. Тие знаат и да пофалат, но граѓаните се и најискрениот критичар, само така ќе знаеме каде треба да се фокусираме и го правиме тоа. Проектите на Владата во најголем број се резултат на директните барања на граѓаните и се одговор на нивните потреби. Наближуваат локалните избори, тоа е најрелевантниот тест за работата и на Министерството и на локалните власти. Засега сум охрабрен од односот на граѓаните, тие ја чувствуваат грижата и поддршката од централната власт, се зголемува довербата, а тоа е најважно, довербата на граѓаните е потврда дека сме на вистинскиот пат.

ПОГЛЕД: Како ја оценувате улогата на младите во процесот на локален развој и децентрализација? Кои конкретни чекори се преземаат или се планираат за поголема инклузија и мотивирање на младите да учествуваат активно во локалните политики и заедники иницијативи?

– Младите се најголемиот потенцијал за развој, без нив нема мотивација, нема енергија, нема квалитетен човечки ресурс.
Нашата цел е да создаваме услови секоја општина да го искористи својот потенцијал за развој и да стане атрактивно место и за живеење и за водење на бизниси, како нов предизвик и можност за младите луѓе.
Исто така се посветува големо внимание на градење на механизми за вклучување на младите во креирањето на локалните политики, за тоа се конституираат локалните младински совети.

Ревитализација е можна преку подобрување на основните услови за живеење и подигнување на стандардот. Само тоа може да ги задржи младите луѓе. Тие сакаат да видат дека оваа држава сериозно смета на нив и дека знае да го цени нивното знаење и труд.
Потребни се патна и комунална инфраструктура, современи училишта, детски градинки, чист воздух, подобро здравство. Овие услови се клучни за враќање на младите во својот роден крај, затоа што дома си е дома.

Може и овде да биде подобро ако секој од нас се вложи во личниот развој и во развојот на својата општина, на државата. Владата предвиде голем број на мерки коишто создаваат нови можности за секој граѓанин. Уште еднаш ќе нагласам, преку силниот инвестициски циклус во капитални општински проекти целта е за брзо време да направиме промени. Тоа е мерка која што преку подобрување на квалитетот на живеење создава многу нови можности и за младите луѓе. Потребен е силен рестарт и тоа го правиме, резултатите се видливи, младите се нашата најголема мотивација, затоа што и родителите се најсреќни кога децата им се реализирани и се овде, дома, блиску до нив.

ПОГЛЕД: Господине Перински, за крај би сакале да Ве прашаме нешто повеќе од лична природа — што Ве мотивира да го посветите Вашето време и енергија на функцијата министер за локална самоуправа? Кои се оние вредности, искуства или визии што Ве водат и инспирираат во секојдневната работа и донесување важни одлуки за општините и граѓаните?

– Најголема мотивација е задоволството на граѓаните. А ако сте доволно критичен свесни сте дека секогаш може и подобро и повеќе. Тоа ме води напред, постојано да барам нови решенија, подобри решенија за потребите на граѓаните. Свесен сум дека тоа е процес, животот секогаш носи нови предизвици, но ако знам дека и малку работите се подобри од вчера, тоа е за мене нов поттик следниот ден да продолжам со уште посилно темпо. Сакам и внимавам да бидам отворен и искрен со луѓето, да изградиме взаемна доверба и заедно да работиме на развојот на општините и на нашата убава држава.

поврзани објави

         

Последни објави