2.8 C
Skopje
недела, октомври 5, 2025

Интервју за ПОГЛЕД: Гоцевски го отвора патот за модерно, зелено и младо Делчево“

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, неодамна изјавивте дека Делчево е една од најзадолжените општини во државата. Можете ли да ни објасните, на еден поедноставен, народски начин, како дојде до ваква состојба – зошто Делчево толку се задолжи? Дали се работи за лошо планирање, непродуктивни трошоци, или недостиг на финансиска дисциплина? И уште поважно, што конкретно треба да се преземе од овој момент па натаму – кои мерки, реформи или чекори би ја вратиле општината во една стабилна, нормална финансиска состојба, за граѓаните конечно да почувствуваат дека парите се трошат разумно и домаќински?

Одговор 1:

Најпрвин добар ден.

Да бидам искрен ова интервју го започнуваме со едно комплексно прашање на кое таков мора да му биде и одговорот.

Точно е дека неодамна во едно мое гостување во една емисија изјавив дека Делчево е една од најзадолжените општини во државата. Но ова не е мое прво јавно апелирање до актуелните локални власти, ова го правам веќе неколку години во Советот на Општина Делчево.

Да ви кажам право, оваа состојба не настанала преку ноќ, туку е резултат на повеќегодишно лошо управување. Ако треба да објаснам како што и ми барате народски – општината функционирала како домаќинство што постојано троши повеќе отколку што заработува.

Замислете дека секој месец имате семејни примања од 100.000 денари, а трошите 140.000 – и тоа не на нешта што ќе ви донесат добивка, туку на непотребни работи.
Башка на ова постојано земате кредити за да ја надополните разликата и кои наместо да ги враќате вие ги оставате свесно за некој после вас да ви ги враќа. Така нешто слично е и во Делчево, само тука наместо кредити имате превземен долг кој наместо да се сервисира се зголемува на основ на трупање на камата. Комплексна и неповолна е оваа ситуација, но начини за решавање има.

Реално поради ова и имавме проблем со лошо планирање – се почнувале и се почнуваат проекти без реална пресметка колку чинат и дали имаме капацитет да ги завршиме. Такви имаме и во моментов во Делчево.

Башка на ова се трошат пари на непродуктивни трошоци, како разни репрезентации и патни трошоци, ангажмани и „промоции“, наместо на капитални инвестиции. Нешто на што моменталниот состав на Советот многупати има и реагирано.

Тука е и недисциплината во финансиите!

Се сеќавате на помошта на Заев за раздолжување на општините?! Е, нашата општина т.с градоначалникот се едни од многуте малку во државата кои истите овие средства без јасна стратегија за враќање неуспеаа да ги искористат за раздолжување на општината и оваа сериозна шанса поради незнаење и немање на капацитет беше пропуштена.
Најголем проблем е можеби тоа што каматата на основниот долг е поголема од истиот и нормално истата со години се акумулира во еден сериозно голем долг, долг кој е неколку пати поголем од основниот Буџет на општината. Тоа е многу сериозно.

Во однос на ова што значи ова за граѓаните на Делчево и какви последици чувствуваат тие би можел да зборувам без престанок со денови.

Но еве како најосновни последиците би биле овие кои се видливи секојдневно од страна на нашите сограѓани. Тоа се како што веќе и кажав, проекти кои тапкаат во место, улици што сеуште не се асфалтирани, канализации и водовод што се ветуваат и не се реализираат, загубената доверба во институцијата и чуството кај граѓаните дека нивните пари не се трошат домаќински туку некако “испаруваат”.

Во однос на тоа што е потребно да се превземе од овој момент па натаму и кои се клучните мерки што би ја извлекле општината од оваа состојба би издвоил само неколку клучни работи:

Прво – транспарентна и целосна ревизија. Точно да знаеме колку должиме, на кого, под кои услови. Без тоа, не можеме да направиме план.

Второ – мора да воведеме строга финансиска дисциплина. Секој денар мора да биде оправдано потрошен.Нема веќе трошоци за небитни работи и нема повеќе трошење на средства кои се стекнати за друга намена.

Трето – ќе се инвестира само во приоритетни проектии и во настани кои ќе ги зближуваат нашите сограѓани. Сето друго ќе мора да чека.

Понатаму, мора да се насочиме кон донаторски фондови – има средства кои можат да се донесат од повеќе извори, но потребен е капацитет за да се повлечат тие средства. Ќе работиме на тоа и дополнително ќе ги вклучиме и локалниот биснис сектор.

Многу важно е што ќе иницираме вклучување на граѓаните во процесот на буџетирање – со отворени седници, анкети, јавни расправи и буџетски форуми. Нека народот знае каде оди секој денар, и нека има збор во приоритетите.

И можеби најважно – ќе изработиме среднорочна стратегија за стабилизација на финансиската состојба. Тоа не се решава за една година, можеби е тешко и во цел еден четири годишен мандат. Но со план, со труд и со чесна работа – можеме да ја вратиме довербата и да го вратиме Делчево на вистинскиот пат.

И што беше последно?! Да, дали тоа значи дека граѓаните може да очекуваат поодговорно и поефикасно управување со нивните пари?!

Апсолутно! Граѓаните имаат право да знаат и да видат дека нивните пари се трошат разумно, домаќински и со визија. Тоа е и нашата цел. Делчево нема повеќе простор за импровизации. Време е за ред, отчетност и вистинска работа.

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, како млад жител на Делчево, а верувам и како и многумина други, секојдневно сум сведок на нешто што не би требало да биде норма – запуштени јавни површини, ретко косење, недостиг на корпи за отпадоци, нередовно собирање на смет и чекање на реакција од граѓаните за да се превземат основни комунални обврски. Делчево е мало, но потенцијално прекрасно градче, со својата близина до планината Голак и природните ресурси што ги има – би можело да биде пример за урбана хигиена и одржливост, па дури и да се стреми кон еден „швајцарски“ модел на чистота и ред. Доколку ја добиете довербата од граѓаните, како планирате да го трансформирате работењето на јавното комунално претпријатие, за конечно да почне да си ја извршува својата основна функција – обезбедување чиста, здрава и зелена животна средина? Како ќе се мотивира, организира и контролира тој сектор, и каква е вашата визија за едукација на граѓаните и подигнување на колективната еколошка свест?

Дополнително, јавна тајна е дека во текот на зимските месеци, дел од компаниите и индустриските објекти користат несоодветни, па дури и опасни материјали за греење – нешто што директно го труе воздухот што го дишеме сите. Дали и како ќе се справите со ова загадување? Ќе има ли контроли, санкции, но и алтернативи што ќе обезбедат здраво греење без отрови во воздухот?

Одговор 2:

Кога ве слушам како млад наш сограѓанин како емотивно ми го поставувате ова прашање неможам најпрвин да се воздржам а да не ви кажам: БРАВО!

Таква осетлива и емотивна е и темата, а одговорот на поставеното прашање ќе биде искрен и визионерски и со конкретни насоки за дејствување.

Како што и ви реков пред малку, кога слушам вакви зборови од млад човек – чувствувам и болка, и надеж.
Болка, затоа што сте во право дека Делчево не го заслужува ова ниво на занемареност. А надеж, затоа што младите луѓе, како вас, не се помируваат со тоа, туку бараат промена. И токму од таа надеж тргнуваме.

Делчево е мал, но благословен град. Имаме шуми, планина, чисти извори, и еден од малкуте во државата воздух што сè уште мириса на природа.

И сега замислете згора на ова ние имаме пирамиди од проблеми! Зошто?!

Затоа што истовремено јавните површини се запуштени, корпи за отпад се сѐ помалку, одржувањето на зелените површини и многу ретко, а сметот се собира само кога ќе се дигне галама на социјалните мрежи. Тоа не е систем. Тоа е отсуство на систем.

И да, ви признавам – тоа боли. Го боли секој разумен наш сограѓанин кога ќе помине покрај река што мириса на отпад. Кога ќе одите со дете во парк, а тревата е до колена или како што е овогодинашниот случај е тотално изгорена од ненаводнување. Кога поради ничија грижа, нашето убаво Делчево се претвора во нешто што го напуштаат младите, а не се враќаат ни оние што би сакале.

Затоа мораме да почнеме од темел.

Прво, јавното комунално претпријатие (ЈКП) мора да се ослободи од политички влијанија и да почне да работи како сервис на граѓаните – професионално, отчетно, ефикасно. Ќе се направи целосна реорганизација, ќе се постават јасни стандарди и контролни механизми:

– секоја улица да има свој ден за собирање смет, таму каде што е потребно и двапти;

– секој парк да има распоред за одржување;

– секое маало да знае кој е одговорен за него.

Мора да се инвестира во нова опрема, еко-возила и мали механизирани алатки за чистење и косење. Ќе се ангажираат и сезонски екипи за чистење, а со нив и млади луѓе – да заработат, но и да се вклучат во грижа за својот град. Нормално овде се и соработката на општините со АВРМ од каде дополнително може да се вклучат луѓе за оваа намена.

Но паралелно ќе ја подигнеме свеста. Ќе започнеме програма „Зелен карактер“ во училиштата и месните заедници – со работилници, локални акции, награди за најчисто маало, најуреден двор, најодговорен граѓанин. Не можеме само да казнуваме. Мораме да мотивираме. Мора сите подеднакво да се вклучат во оваа битка.

А што се однесува до загадувањето од индустриски објекти и погони во зима, тоа е веќе прашање на здравје.
Не може во 21-ви век некој да го грее својот објект со стари гуми и лакирани палети, а децата во училиште и во градинките само на стотина метри до него да го вдишуваат тој отров. Не смее, и нема да се дозволи. Општинскиот инспектор мора да си ја гледа работата!

Паралелно на ова да не ја заборавиме итната потреба од грижа кон гратската депонија која можеби во моментов е најголем токсификатор на општината а за кој обврска за директна грижа имаат општински институции.

Ќе воведеме контроли, редовни и ненајавени. Ќе се соработува со инспекциски служби, но и со граѓани и секој пријавен случај ќе се провери.
Санкции, да ќе има. Но уште повеќе, ќе понудиме алтернативи за поддршка за поставување ефикасни грејни тела, поврзување со обновливи извори, субвенции каде што е можно. Здрав воздух не е луксуз, туку право.

Мојата визија и визијата на мојот тим е едноставна:
Да живееме во град каде што не мора да бараш чистота, а таа да ти доаѓа сама по себе. Каде што не се грееш со отрови, туку со чиста енергија. И каде што градот се сака затоа што тој се грижи за тебе.

Делчево го заслужува тоа. И сите ние заслужуваме да живееме во средина каде што чистотата не е исклучок, туку правило.

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, Делчево е една од ретките општини каде што СДСМ сè уште нема официјално објавено кандидат за претстојните локални избори, иако нивниот актуелен градоначалник Трајковски го одработува веќе вториот мандат. На што, според Вас, се должи ова калкулирање и одолговлекување? Зошто токму Делчево останува во „чекање“ додека во многу други општини партијата веќе се изјасни? И дали ваквиот пристап може да се протолкува како недостиг на подготвеност, внатрешни несогласувања или можеби како страв од изборен пораз? За споредба, ВМРО-ДПМНЕ својот кандидат за Делчево го објави уште меѓу првите петнаесет општини, испраќајќи порака на сигурност и јасна стратегија. Како го толкувате овој контраст меѓу двете партии и што сметате дека значи за идниот политички развој во Делчево?

Одговор 3:

За краток временски период ова прашање го добивам неколку пати и да знаете дека ова е тешко прашање за мене затоа што јас по природа несакам да зборувам за другите а преферирам да си зборувам за нас.

Но ајде веќе кога ме прашувате директно, директно и ќе ви одговорам.

Да, точно е дека во овој момент на ова интервју, Делчево е една од малкуте општини каде што СДСМ сè уште не излегол со официјална кандидатура, и тоа го забележуваат сите. И членовите, и симпатизерите, а уште повеќе го забележуваат граѓаните кои сакаат да знаат на каде одат работите.

На што се должи ова одолговлекување?!

Искрено сметам дека тоа е комбинација од неколку фактори.
Од една страна, претпоставувам дека нивната партија се обидува да направи „прецизни калкулации“ за најдобар предлог и за тоа како ќе реагира јавноста на истиот, дали постојниот градоначалник ќе добие “шанса да се бори” за уште еден мандат или ќе се бара ново лице. Но, таквиот пристап и ова тактизирање барем кај мене а верувам и кај многумина го остава впечатокот на нивна несигурност. Делува како да немаат јасна насока, и уште поважно како да нема консензус внатре во ЛО на СДСМ за еден единствен предлог. Мислам дека кај нив како никогаш до сега немало толку многу “скриени” кандидати кои се сигурни и самите дека сигурно губат на овие Локални избори и ваквото нивно спремно свесно губење да го претставуваат подоцна кај нив во СДСМ како жртва и барање за некаква посериозна компензација за тоа дека биле “свесно изгорени” од партијата.

Слушаме дека има разни групации, различни мислења, неусогласености помеѓу нив самите и сето тоа се рефлектира преку ова одложување. И да бидеме искрени кога една партија доцни со најосновната одлука, а тоа е кого го кандидира, тоа самото по себе зборува или за внатрешна конфузија, или за страв од резултатот. А можеби и за двете.
Нема да зборувам за тоа дека сите сме сведоци на сериозна поделеност помеѓу членството на СДСМ во општините каде веќе ги соопштија нивните кандидати.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ реагираше порано и јасно и тоа не само во Делчево, туку во голем дел од општините. И тоа е силна порака! Порака на организираност, стратегија и самодоверба.

Во политика, времето е порака. Ако ти се двоумиш, а другиот настапува сигурно тогаш луѓето го гледаат тоа. Не е само кој е подобар туку кој покажува дека знае каде оди и е спремен уште денес да води.

Што значи сето ова за Делчево?!

За мене, ова не е само натпревар меѓу партии. Ова е тест на зрелоста и за тоа кој е подготвен да го води градот, а не само да бара гласови. Граѓаните веќе не гласаат слепо. Тие гледаат и знаат кој се појавил кога било тешко, кој не се криел, кој бил присутен, кој има јасна визија, кој носи резултати, а не само ветувања.

Во тој контекст, мислам дека ваквото одложување од страна на СДСМ ќе ги чини скапо и затоа што времето работи против нив, а граѓаните имаат потреба од јасност, одговорност и визија.

Едно е јасно и тоа е дека Делчево нема време за калкулации и му треба енергија, промена и решителност.

На крајот на денот, ова не е натпревар за тоа кој побргу ќе каже име, туку кој ќе понуди реална надеж за Делчево.
А тоа се добива само со искрен пристап, со работа на терен и со храброст да се погледне граѓанинот в очи. Многу често без разлика на бојата на партијата. А кога станува збор за партија, ние како партија овде во Делчево веќе докажавме дека со сплотеност и работа знаеме како да победуваме убедливо, што беше случај и на последните Парламентарни и Претседателски избори.

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, едно од најголемите прашања за иднината на Делчево е прашањето за младите – како да ги задржиме тука, дома, наместо да си заминуваат во Скопје, странство или поголеми градови во потрага по подобар живот? Делчево има природен потенцијал – планината Голак, блискост до границата, културна традиција, но реалноста е дека младите сè почесто се чувствуваат заборавени и невидени. Што конкретно ќе преземете доколку ја добиете довербата на граѓаните за да се создадат услови за младите да останат – преку отворање на нови, стабилни работни места, развој на мала економија, поддршка за претприемништво и инвестиции во локалниот туризам?

Ќе има ли конечно континуирани културни, едукативни и спортски настани, нешто што ќе внесе живост во градот и ќе им понуди на младите креативен простор за развој, дружење и изразување? Ќе се искористи ли конечно планината Голак како вистински туристички и спортски ресурс, со што би се оживеал локалниот економски пулс и би се отвориле можности за работа и напредок, токму тука – во Делчево? И најважно: дали имате јасна стратегија, програма и партнерства за реализација на ова, или младите повторно ќе слушаат само ветувања што завршуваат по изборите?

Одговор 4:

Со ова прашање, погодувате точно во срцето на она што најмногу нè боли – младите што си заминуваат. И затоа, дозволете да не одговорам само како кандидат, туку како човек што тука растел, тука сонува, и тука сака да остане и да останат и моите деца.

Непријатно е верувајте кога истовремено се замимавате со политика и мислите дека ќе ја промените околината во која живеете а истовремено другарите да ви заминуваат или вече и да заминале во странство. Непријатно е кога ќе видите како се полни автобус за Скопје, или уште полошо како се подготвуваат документи за Германија, за Италија, за Австралија… срцето ви се стега. Зашто секое заминување не е само заминување на еден човек! Тоа е мал пораз на целата заедница и пораз на системот. Тоа е знак дека сме им затаиле.

И вистина е дека младите во Делчево се чувствуваат невидени, изолирани, како да се вишок. И не ги осудувам! Не можеме од нив да бараме да останат, ако ништо не сте им понудиле. Не можете да ги задржите младите со празни зборови и стара надеж. Треба живот и енергија. Треба иднина со многу работа. Треба можност со чесност и искреност.

Доколку ја добијам довербата, ќе го направиме најголемиот обид досега за да го промениме тоа. Не со спектакуларни ветувања, туку со конкретни, издржани чекори.

Што сигурно ќе вклучува во мојата програма кога се во прашање младите?!

1. Работа за младите – овде, не некаде.

Ќе креираме локален економски фонд за млади претприемачи – со менторство, микрофинансирање, простор за старт-апи и поддршка за идеи што носат вредност. Ќе обезбедиме стимулации за бизниси што вработуваат млади луѓе во Делчево – тоа ќе биде приоритет во секој економски договор што ќе го направиме.

Овде сериозна улуга секако ќе има подобрената соработка и со државните институции со дополнителните пакет мерки кои редовно ги имаат.

2. Планината Голак – нашата неискористена ризница.

Повеќе не смее да биде само слика на разгледница. Ќе работиме на развој на еко-туризам, мали сместувачки капацитети, планинарски патеки, зимски активности, со инвестиции во пристапна патна инфраструктура и базични содржини. Голак ќе стане место каде што младите ќе може да спортуваат, да се рекреираат, да работат, да водат бизнис, да организираат настани, да создаваат.

3. Култура, спорт, енергија – градот да заживее.

Ќе создадеме континуирана програма на културни, музички, филмски и спортски настани, не само за големи празници, туку секој месец. Ќе се отворат урбани зони за младински активности, студија за уметност и технологија, клубови за дебата и иновација.
Град без младинска енергија е град што умира. А Делчево заслужува да живее.
Тротоарите во центарот на Делчево мора да бидат полни со луѓе особено во шпицните периоди од годината.

4. Стратегија, не импровизација.

Ова нема да бидат само зборови што убаво звучат во интервју. Веќе работиме на развојна програма за млади 2025–2029, во соработка со експерти, дијаспората, домашни инвеститори и странски партнери. Ние имаме план, алијанси и луѓе што сакаат да вложат но под услов само ако им дадеме сигурност.

И најважно – нема повеќе игнорирање. Ќе се развива сериозно младинскиот совет при Општина Делчево, со право на иницијатива, со буџет, со глас. Нема веќе „ќе видиме“. Младите ќе бидат на масата каде што се носат одлуките. И таму ќе стојат рамо до рамо со нас.

Тротоарите и парковите мораат да бидат лесно достапни за бебешките колички!

Ова е нашата шанса. Последната, можеби. Да не дозволиме уште една генерација да си замине. Да не се плашиме дека утре ќе ги испраќаме децата не на училиште во Делчево, туку на аеродром. Да го направиме Делчево град каде што се враќаат, а не град што се напушта. Едно млади семејство да успееме да вратиме од странство, тоа е добар сигнал дека и сме успеале.

И нема да ветуваме чуда. Но ветувам едно:
Ќе работиме со срце, со душа и со план за младите да имаат зошто да останат.

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, една од најболните теми за младите, но и за целото општество, е вработувањето – особено на локално ниво, каде што често се создава чувство дека без партиска книшка, шансите се минимални. Доколку ја добиете довербата на граѓаните и станете градоначалник, можете ли јасно и гласно да ветите дека ќе се стави крај на практиката на партиски вработувања и дека предност конечно ќе добијат стручни, квалитетни кадри – луѓе кои имаат знаење, енергија и идеи, а не партиска позадина?

Ќе се заложите ли младите во Делчево да имаат фер шанса, без да мораат да се приклонуваат кон одредена партија или да зависат од нечија политичка волја? И дали ќе создадете јасен систем на критериуми и транспарентни конкурси за сите позиции во јавниот сектор – за да се врати довербата во институциите, но и да се постави основата за вистински развој и напредок на градот, базиран на знаење, а не на блискост со централата?

Одговор 5:

Ме стрелаш со ова прашањата директни и долги. Се шлам.

Да, ќе бидам директен – морме да ставиме крај на партиските вработувања како „систем“ на функционирање. Не затоа што тоа убаво звучи во кампања, туку затоа што тоа е најдлабоката дупка што ја разјадува правдата, мотивацијата и напредокот во општината. Јас имам завршено магистратура по Бизнис и администрација и истото ова образование ме води во оваа насока така и да верувам. Но, дали е тешко да ги убедите и другите да поверуваат во ова?! Да верувајте дека е пеколно тешко затоа што системот овде така функционирал со децении.
Дали пак од друга страна има луѓе во мојата ВМРО-ДПМНЕ кои се исклучително кадарни и кои можат да одговорат брилијантно на дадени раководни и нераководни функции овде во Делчево?! И ова ве уварувам! Среќен сум што сум опкружен со луѓе кои имаат визија, желба за напредок и си ја препознаваат и познаваат работата.

Веќе реков и пак ќе повторам дека сите знаеме како се чувствува човек кога вложува години во школување, труд, искуство, а на крај гледа како некој друг, „партиски блисок“, со три пати помалку знаење, го добива работното место. Тоа го убива и духот на младите. Тоа ги тера да си заминуваат. Но, и повторно ќе повторам дека има многу кадарни луѓе кои се и мои партиски соработници кои кога ќе добијат можност да влезат во системот многу голем дел од општеството ќе се дрзне да му го оспори квалитетот само и само затоа што е партиски определен. Затоа и ива е тема на постојани препокувања во јавноста и затоа мојата порака е јасна:

Квалитетните луѓе, лојални луѓе и луѓе кои знаат да допринесат за разлика во општеството и се потребни на нашето Делчево и овие луѓе мораат да добијат вистинска, отворена шанса.

Тоа што истотака можам да го гарантирам е дека секое вработување во јавниот сектор, без исклучок, ќе биде спроведено транспарентно, по јасни критериуми, со јавна објава, ранг-листи и отчет за тоа кој е примен и зошто.

Ова ви го кажувам не за да се правиме популарни, туку затоа што само со квалитетни, стручни и мотивирани луѓе Делчево може да оди напред. Се друго е лажење. И ние како општина мора да бидеме пример за тоа. Ако млад човек не може да добие шанса тука, во својот град?! Тогаш за кого работиме?!

Ако лојален човек недобие шанса?! Тогаш кого да очекуваме да ни верува?!

Ако човек кој знае да направи разлока во општеството недобие шанса?! Тогаш како да очекуваме да имаме напредок?!

И за крај како одговор на вашето подпрашање: Да ќе се заложам младите во Делчево да имаат фер шанса.
Не затоа што „мора да бидат лојални“, туку затоа што се вредни, способни и спремни да работат. Тоа ќе биде принцип, не исклучок. Ниту една партија нема ексклузивно право на успех. Успехот треба да биде достапен за секој што заслужува и за секој кој сака да го достигне и да го почуствува успехот.

Ќе ги отвориме институциите. Ќе создадеме механизми за јавен увид во секоја вработувачка постапка.

На крајот на денот нам ни требаат работливи, чесни, паметни луѓе што ќе го дигнат Делчево. А нив ги има, ѓи има и меѓу нас. Треба да им се даде шанса на сите.

И ветувам: Таа шанса ќе ја добијат!

Вториот дел од ова мега-интервју ќе биде објавен во вторник

поврзани објави

         

Последни објави