14.8 C
Skopje
Wednesday, August 20, 2025

Перински за Поглед.мк: „Живиот збор на граѓаните е патоказ за промените – младите се срцето на развојот“

Министерот за локална самоуправа, г. Златко Перински, во интервју за Поглед.мк открива дека фокусот на неговата работа, но и на целата Влада, е насочен кон директна комуникација со граѓаните, реална проценка на локалните потреби и создавање услови што ќе ги мотивираат младите да останат и да се реализираат тука – дома, во Македонија.

Преку иницијативата „Каде што срцето е дома“, Перински воспостави поотворен пристап со граѓаните и општините, кој се базира на блиска соработка, личен контакт и искрено слушање на реалните предизвици.

„Целта ми беше да ги чујам потребите на граѓаните директно од нив, не преку посредници. Живиот збор, личната комуникација – тоа е најважно. Тие знаат да пофалат, но се и најискрени критичари. Само така ќе знаеме каде да се фокусираме“, вели Перински.

Охрабрен од позитивните реакции и зголемената доверба од страна на граѓаните, Перински потенцира дека токму тие средби ја обликуваат реалната политика и инвестициите кои ги спроведува Владата.

„Проектите се директен одговор на барањата на луѓето. Локалните избори што доаѓаат ќе бидат најрелевантниот тест за тоа колку сме успеале да одговориме на тие очекувања.“

Младите – двигатели на локалната ревитализација
Министерот Перински ја нагласува и централната улога на младите во процесите на децентрализација и локален развој, сметајќи дека без нив нема ни енергија, ни визија, ни траен развој.

„Младите се нашиот најголем потенцијал. Целта е секоја општина да стане атрактивна за живот и работа – тоа значи подобра инфраструктура, квалитетно образование, детски градинки, здравство, чист воздух – тоа ги задржува младите.“

Преку локалните младински совети, Владата создава простор младите директно да учествуваат во креирањето на политиките, а преку инвестицискиот циклус во капитални проекти, се обезбедуваат услови за подобар живот и враќање на довербата во институциите.

„Нема поголема среќа од тоа младите да останат овде, да се реализираат овде, блиску до своите родители. Тоа е суштината на сè што го правиме – да ги мотивираме, да ги слушнеме и да покажеме дека државата сериозно смета на нив“, нагласува Перински.

Со најавениот рестарт преку конкретни мерки и проекти, министерот Перински заклучува дека времето на празни зборови е завршено.
Сега е време за работа, одговорност и создавање на иднина што е втемелена во реалноста на граѓаните и во потенцијалот на младите.

поврзани објави

         

Последни објави