ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА ПОВРЗАНО СО ПОЖАРОТ НАСТАНАТ ВО СЕЛО КОСЕВИЦА
Почитувани сограѓани,
Ве информирам дека денес, нешто по 10:00 часот, во атарот на село Косевица избувна пожар на отворен простор кој и понатаму е активен. Огнената линија, во текот на денот се прошири кон село Моштица и кон граничниот планински појас со Република Бугарија.
Во гаснењето се ангажирани екипите на Територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица, со поддршка од екипи од ТППЕ Кочани и Виница, како и доброволните противпожарни друштва од овие градови. Во текот на денот, на терен беа присутни и вработени во ЈП Камена Река, вработени во Рудникот САСА, како и локални жители кои дадоа важен придонес во акцијата.
Во координацијата на сите активности активно се вклучени командирите на противпожарните единици, Полициската и Граничната станица, како и претставник од Дирекцијата за заштита и спасување – Делчево. Лично сум присутен на терен и сум во постојан контакт со сите институции.
Во согласност со службите, за сериозноста на ситуацијата се известени сите релевантни институции на национално ниво – министерства, центри и дирекции надлежни за заштита и справување со кризни состојби.
Упатувам повик до сите граѓани кои се во можност, во текот на утрешниот ден, да се приклучат во гаснењето и заштитата на имотите, координирано и во соработка со надлежните служби на терен.
Со почит,
Димчо Атанасовски
Градоначалник на Општина Македонска Каменица