Локалните избори во Делчево сè уште ја немаат добиено конечната форма. Додека ВМРО-ДПМНЕ одамна го промовираше Иван Гоцевски како свој кандидат, во таборот на опозицијата владее неизвесност и калкулации околу тоа кој ќе се соочи со него на изборниот мегдан.
Гоцевски, кој доаѓа од приватниот сектор и е вработен во една од најуспешните компании во Делчево, нема терет од политички функции зад себе, освен улогата советник во Советот на градот.
Како потенцијални противници во опозицискиот блок се споменуваат две различни профилирани личности: познат бизнисмен и општественик од Делчево кој размислува за кандидатура, како и психологот Дејан Глинџарски, на јавноста познат и по своите музички настапи со бендот.
Дилемата е кој од нив ќе добие поддршка од СДСМ и дали актуелниот градоначалник, иако без желба повторно да влезе во трката, преку своите канали ќе влијае за избор на кандидат поблизок до неговото крило.
Од Левица велат дека „рано е за одговор“ околу тоа дали ќе имаат кандидат, додека „ЗНАМ“ се подготвува да настапи само со советничка листа, без градоначалничка трка, во која како што се шпекулира ќе има и поранешни членови на СДСМ.