4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Ромите

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на ромската заедница по повод одбележувањето на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

Република Македонија, години наназад, активно работи на подобрување на севкупната положба на Ромите во сите сфери на општественото живеење. Но, подобрувањето на поширокиот економски и социјален статус на Ромите е незамислив надвор од образовниот контекст, стои во честитката.

Секојдневните искуства и истражувања, наведува Иванов, покажуваат дека токму образованието претставува основен предуслов за решавање на проблемите од современото живеење.

Низ ангажман на надлежните институции и потенцирање на неопходноста од едукација на лицата кои живеат во недоволно развиените подрачја ќе се подобрат условите за живот. Затоа повикувам да се погрижиме и на секому да му дадеме можност да биде дел од овој процес. Реалното интегрирање во општеството на припадниците на одредени етнички заедници придонесува за решавање на постоечките предизвици, се вели во честитката.

Иванов во честитката посочува дека и понатаму ќе се вклучува во сите предизвици за заедничко и посветено надминување на предрасудите.

Подобрувањето на севкупната положба на Ромите значи и ангажман за промовирање на недискриминацијата преку почитување на традиционалните вредности и длабокото разбирање на културните особености со цел меѓусебно разбирање, истакнува Иванов во честитката.

поврзани објави

Последни објави