12.8 C
Skopje
четврток, ноември 20, 2025

Мицкоски, Русковска, Ландов и Златев незаконски следени од АНБ?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неколку новинари и најмалку еден јавен обвинител биле незаконски следени и прислушувани од лица поврзани со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во периодот 2019–2024 година, тврди за „Плусинфо“ извор од обвинителските кругови.

Како што дознава порталот, обвинителката Вилма Русковска е една од метите. Таа потврди дека дознала од сигурен извор дека била следена од Јовче Ременски, сопругот на поранешната пратеничка Фросина Ременски, против која во тој период подигнала обвинение.

Русковска не ја исклучува можноста дека и нејзините разговори со новинарот Кристијан Ландов биле незаконски прислушувани. Ландов за „Плусинфо“ изјави дека не бил свесен за такви активности, но дека редовно имал комуникација со обвинители, вклучително и со Русковска.

Новинарот Љупчо Златев, пак, тврди дека уште во 2019 година свиркачи од АНБ го известиле дека бил под посебни истражни мерки. Според него, биле отварани лажни предмети со цел да биде следен и прислушуван, а истовремено против него АНБ поднела кривична пријава за „оддавање државна тајна“.

„Стејт департментот во својот извештај за човекови права го спомна моето име како пример за неоснована репресија врз новинар“, изјави Златев, додавајќи дека очекува разрешница на случајот и поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, да одговара пред судот.

Случајот дополнително ја отвора дилемата за степенот на злоупотреба на тајните служби во Македонија во последните години.

поврзани објави

Последни објави