Започнавме со јавна набавка за првата целосна реконструкција на Здравствената станица – значајна инвестиција за посигурна иднина во Македонска Каменица
Почитувани сограѓани,
Со задоволство ве информирам дека Општина Македонска Каменица ја распиша јавната набавка за изведба на првата целосна реконструкција на нашата Здравствена станица – проект од исклучително значење за сите нас.
Во првата фаза, реконструкцијата опфаќа замена на кровната конструкција, целосна замена на надворешната столарија од прозорци и врати, како и партерно уредување на влезовите во објектот. Ова е прва ваква интервенција од изградбата на Здравствената станицата до денес, инвестиција со која се овозможуваат подобри услови за работа на здравствените работници и поквалитетна услуга за граѓаните.
Втората фаза од проектот ќе опфати поставување на лифт за пациентите, енергетски ефикасна фасада и нова електрична, водоводна и канализациона мрежа, со што објектот целосно ќе биде модернизиран.
Со овој проект ја потврдуваме нашата определба за инвестирање во здравјето на граѓаните и колективната здравствена заштита. Во изминатиот период, обезбедивме возило за Итна медицинска помош, дигитален рендген апарат и современ хемиски анализатор за крв, со цел да ги унапредиме здравствените услуги во нашата заедница.
Градежните активности ќе започнат веднаш по изборот на најповолен изведувач. До овој момент, обезбедени се сите потребни одобренија и елаборати за безбедност и заштита, што создава услови за брзо и ефикасно отпочнување на работите.
Вашата поддршка е поттик да продолжиме со реализирање на вакви значајни проекти. Заедно, градиме посигурна и поздрава иднина за Македонска Каменица!
Со почит,
Ваш градоначалник
Димчо Атанасовски









