Во пресрет на локалните избори на 19 октомври, Д-р Билјана Ѓеоргиевска ја презема функцијата шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево. Во интервјуто за нашата редакција, таа говори за очекувањата од кампањата, улогата на младите во тимот и визијата на партијата за развојот на Делчево.
Интервју со Д-р Билјана Георгиевска, шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево: „Нашата цел не е само победа – нашата цел е доверба, визија и дела“
ПОГЛЕД: Д-р Билјана, од страна на централниот и извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ еве веќе е и официјално потврден кандидатот за градоначалник на Делчево – г. Иван Гоцевски, како и советничката листа која ќе ја предводи Д-р Адријана Илиевска Велковски. Какво е вашето мислење како претседател на ОИШ за ваквиот избор и кои се очекувањата за периодот кој што претстои до денот на изборите?
Пред сè, би сакала да истакнам дека Иван Гоцевски е вистинскиот избор за градоначалник на Делчево. Тој не е ново име за нашите сограѓани – како координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе покажа дека многу добро ги знае сите состојби во градот и проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Неговата упорност, обединувачки дух и поддршката која ја има и од партијата и од граѓаните му даваат капацитет да ја донесе историски најголемата победа во Делчево. Иван е млад, чесен и енергичен човек и сигурна сум дека ќе ја врати довербата во институциите и ќе донесе нова енергија во општината.
Во однос на советничката група, горда сум на сите наши кандидати – од првиот до последниот на листата. Подеднакво значајни се сите кандидати – луѓе од различни професии и генерации, кои заедно носат свежина, знаење и решеност Делчево конечно да тргне напред.
Затоа, моите очекувања се дека Иван Гоцевски како иден градоначалник и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат во синхронизиран тимски дух, транспарентно и посветено, за реални и видливи решенија на проблемите на граѓаните.
ПОГЛЕД: Д-р Ѓеоргиевска, ова е првпат да ја преземете функцијата шеф на изборен штаб во Делчево. Какви се вашите очекувања од претстојната кампања?
– Ова е првпат да ја преземам оваа улога и морам да кажам дека чувствувам голема одговорност. Дел сум од тимот на поголем број изборни циклуси наназад. Како претседател на ОИШ на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, сум убедена во најголемата и најубедлива победа досега, а истовремено ќе се потрудиме да ја спроведеме најпозитивната, фер и конструктивна кампања. Нашата цел не е само да победиме – нашата цел е да ја добиеме довербата на делчевчани, нашата програма да ја претвориме во дела и да ја реализираме нашата визија.
ПОГЛЕД: Со што конкретно ВМРО-ДПМНЕ ќе се обрати до граѓаните на Делчево во оваа изборна трка?
– Нема граѓанин на Делчево кој што ги нема следено нашите активности последните неколку години, каде што ние како ОК на ВМРО-ДПМНЕ сериозно работиме на нотирање на проблемите на нашите сограѓани и изнаоѓање решенија за истите. Ќе имаме инвентивна, реална и остварлива програма. На нашата програма се работи макотрпно повеќе од две години. Истата е веќе 100% готова и заедно со Караванот на идеи „Го сакам Делчево“ ќе биде наскоро и официјално претставена.
Ние како ОИШ, а јас како претседател на истиот, ве уверувам дека нашата програма – и после победата на 19 октомври – ќе може да се надополнува со предлози од секој наш сограѓанин. Ќе се обратиме исклучиво со конкретни и остварливи проекти. Ова го нудиме со нашиот тим кој ќе го води Советот, како и со вистинскиот избор за градоначалник, во името и презимето на г. Иван Гоцевски.
ПОГЛЕД: Дали во програмата има нови проекти и приоритети кои ќе го подобрат секојдневието на вашите сограѓани од Делчево?
– Апсолутно. Имаме тим кој ужива сериозна поддршка од централната власт, со проекти кои ќе бидат препознаени од граѓаните. Имаме одличен кандидат за градоначалник кој доаѓа од приватниот сектор – работлив и вреден човек, но пред сè човек кој најдобро ги познава локалните проблеми, како координатор на нашата советничка група во изминатите четири години.
Имаме тим кој ќе ја донесе најубедливата победа досега, но и најсериозните промени за доброто на граѓаните на Делчево.
ПОГЛЕД: Кампањите често се напорни и динамични. Како планирате да ја водите оваа кампања за да допрете до што поголем број граѓани?
– Ние сме сериозна политичка партија со големо искуство во овој дел, но и со млади луѓе кои се енергични и со својот придонес можат да донесат уште поголем број идеи и креативност во самата политичка кампања. Ќе бидеме таму каде што се граѓаните – лице в лице ќе разговараме со нив, ќе ги слушнеме нивните идеи и предлози.
Тоа е суштината на демократијата – дијалог, а не монолог. Само на таков начин можеме да изградиме политика која е вистинска и која произлегува од реалноста на луѓето.
ПОГЛЕД: Каков тим ќе биде вклучен и колкава улога ќе имаат младите и новите кадри во штабот?
– Нашиот тим е симбиоза на искуство и свежина – спој на луѓе кои ја носат политичката зрелост и младите кои ја носат иднината. Токму младите и новите кадри се двигателот на оваа кампања. Тие се генерација што нема страв да постави прашања, што има храброст да предложи нови решенија и што ја чувствува одговорноста да остане и да го гради својот град.
Во штабот тие нема да бидат статисти, туку протагонисти – луѓето кои ќе внесат енергија, креативност и современи методи на комуникација. Сигурна сум дека токму преку нив ќе успееме да изградиме нова политичка култура во Делчево, политика која не само што ветува, туку и создава.
ПОГЛЕД: Како ќе ја дефинирате разликата помеѓу понудата на ВМРО-ДПМНЕ и останатите политички конкуренти во Делчево?
– За ова можам да одговорам кога ќе ја видам понудата од другата страна, а досега таква немам видено. Ако ме прашувате што нудиме ние – тоа е опиплива програма, создавана со експерти, но и со наши сограѓани, програма која ветува подобро утре за секој жител на Делчево.
Ние нудиме проекти кои ќе можат да се измерат, да се проверат, но пред сè – да се реализираат. Нема да се криеме зад фрази. Излегуваме јасно, со цел, со конкретна визија и со план!
ПОГЛЕД: Кое е вашето финално обраќање до граѓаните на Делчево пред почетокот на кампањата?
– Моето обраќање е едноставно – ние не влегуваме во оваа трка само за да победиме, туку за да изградиме поинаква иднина за Делчево. Ве повикувам сите, без разлика на политичка определба, да се вклучите со идеи, предлози и критики. Делчево ни е заеднички дом и обврска, а иднината ја градиме сите заедно.
Уверена сум дека заедно ќе ја донесеме најголемата победа досега, но уште поважно – ќе донесеме промени што ќе ги почувствува секој граѓанин, во секојдневниот живот, во секое семејство, во секоја улица на нашиот град.