15.8 C
Skopje
недела, октомври 5, 2025

Мицкоски со ДОКУМЕНТИ во Собрание: Апасиев и Мециновиќ си префрлале пари од сметката на Левица

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на собраниската седница за пратенички прашања остро го обвини лидерот на Левица, Димитар Апасиев, за финансиски злоупотреби во рамки на неговата партија.

Мицкоски од собраниската говорница покажа документи и списоци кои, како што рече, му биле доставени од „свиркачи“, а од нив произлегувало дека Апасиев и кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, си префрлале пари од сметката на партијата на свои лични сметки.

„Еве ги сите трансакции како ја молзете и како ја цицате Левица, односно парите кои граѓаните ги уплаќаат во Буџетот. Треба да одговорите дали е точно или не е,“ изјави премиерот.

Тој обелодени и извадок од записник во кој, наводно, Апасиев ги информирал членовите на Централниот комитет за купувањето на поранешниот хотел „Опера хаус“ за 250.000 евра. Според документот, објектот се состоел од четири нивоа, а околу два до три месеци се преговарало со Унибанка за финализирање на зделката.

„Прво демантиравте дека имате врска со ова, тврдевте дека е скромно местенце со малку квадрати. Денес гледаме дека ја лажевте јавноста. Вие треба да кажете кога ја зборувавте вистината – тогаш или денес,“ порача Мицкоски.

Обвинувањата дојдоа како одговор на претходните напади на Апасиев, кој тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ е поврзана со агенцијата „Рубикон“ и нејзиниот сопственик – фирма која го обезбедувала ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, каде во пожар загинаа 63 лица, а околу 250 беа повредени. Апасиев од собраниската говорница побара од Мицкоски да си поднесе оставка, повикувајќи се на претходна негова изјава.

поврзани објави

         

Последни објави