6.8 C
Skopje
вторник, октомври 14, 2025

МЕГА ИНТЕРВЈУ со Дејан Митески, ВД градоначалник и кандидат за градоначалник на Општина Аеродром: Нашиот фокус е на капитални проекти: од спортски центар и гасификација, до „Секое дете во градинка“

МЕГА ИНТЕРВЈУ со Дејан Митески, ВД градоначалник и кандидат за градоначалник на Општина Аеродром: Нашиот фокус е на капитални проекти: од спортски центар и гасификација, до „Секое дете во градинка“

Во пресрет на локалните избори, кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, г-дин Дејан Митески, ужива рекордна поддршка од граѓаните. Со континуитет во работата и јасна визија за иднината, Митески влегува во трката со големи очекувања за победа уште во првиот круг. Во ексклузивно мега интервју за Поглед, тој ги открива деталите за најамбициозните проекти кои ќе го трансформираат Аеродром во најдоброто место за живеење во Скопје, а воедно и за поддршката од граѓаните која е многу веројатно да го донесат до победа уште во првиот круг од изборите.

1. Почитуван г-дин Митески, според последните анкети, уживате огромна поддршка од жителите на Општина Аеродром, која е дури трипати поголема од вкупната поддршка кон опонентите. Аеродром очигледно го препознава континуитетот во работата и силната визија на моменталната локална власт. Очекувањата за победа во прв круг се големи. Како се чувствувате во пресрет на таа достижна победа?

Морам да истакнам дека ми е многу драго. Од една страна ми претставува задоволство, а од друга страна чувствувам голема одговорност и чест да ги остварам ветените проекти. Знаете, јас сум цел живот жител на Општина Аеродром и сите мои животни фази ги имам поминато на иста адреса: од градинка, основно училиште, факултет, а сега веќе и како сопруг и родител. Лесно ги воочувам сите предизвици со кои се соочуваат сите аеродромци и верувам дека со мојот тим ќе ги надминеме, оставајќи дела и решенија за сегашните, и идните генерации. Честа е навистина голема!

2. Еден од Вашите најамбициозни проекти е изградбата на нов модерен спортски центар на 100.000m² покрај реката Вардар. Тоа нема да биде само обична локација за спорт, туку вложување во физичкото и менталното здравје на жителите од најбројната општина во Скопје. Кој е рокот за реализација на овој мега-проект и на кој начин тој ќе го подигне квалитетот на живеење на сите генерации во Аеродром?

Изградбата на новиот спортски центар покрај Вардар е проект што ја отсликува нашата визија за Општина Аеродром како општина со најпристапни услови за живеење во Скопје. Во соработка со Министерството за спорт, и министерот Борко Ристовски, во најскоро време ќе отпочнеме со фактичка реализација, по завршување на тендерските постапки.

Овој простор нема да биде само место за спорт, туку современ здравствено-рекреативен комплекс за сите генерации. Со него создаваме нов простор од витално значење кој ќе ги поврзува генерациите. Тоа значи повеќе физичка активност, повеќе дружење и помалку стрес – вистинското решение што ѝ треба на една општина, но и на еден модерен град.

Нашата цел е јасна – Аеродром да стане пример за здрав и активен начин на живеење.

3. Прашањето за загадувањето и енергетската ефикасност е врвен приоритет во општината и градот. Најавивте изградба на гасна централа и топлификација за деловите кои не се покриени со парно. Ова е долгорочно решение, но кога граѓаните од Аеродром кои немаат пристап до парно, и користат алтернативи за загревање, може реално да очекуваат почист воздух и потопли домови?

Според многу истражувања, проблемот со загадувањето потекнува од повеќе извори. Како еден од главните извори на загадувањето, кој има најголем удел, се наведува загревањето предизвикано од несоодветните горива кои ги користат индивидуалните домаќинства. Затоа и загадувањето најмногу се чувствува во текот на зимата. Со проектот за гасификација на Лисиче, не само што ќе се реши проблемот со загадувањето, туку и жителите на тие населени места ќе добијат пониски сметки за електрична енергија и нема воопшто да се грижат за загревањето во текот на зимата. Се работи за проект кој е од клучно значење и ќе се реализира заеднички, со поддршка од Владата.

4. Вашата заложба за зголемување на бесплатните ин-витро оплодувања од 3 на 6, заедно со субвенциите за прво и второ дете и ослободувањето од данок за мајките, се директна поддршка за младите семејства. Кои се следните чекори за соработка со здруженијата и централната власт за оваа поддршка да стане реалност што поскоро, покажувајќи дека Аеродром е најдоброто место за градење семејство?

Особено сум горд што потпишавме меморандум за соработка со здружението „До бебе по патот на ин-витро“. Се работи за здружение кое долги години се залага за законски промени кои ќе им го олеснат животот на паровите кои имаат потреба од ин-витро.

Благодарение на поддршката од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, беше прифатен предлогот на здружението за зголемување на бесплатните ин-витро оплодувања од 3 на 6, како и субвенции за прво и второ дете и ослободување од персоналниот данок на доход за мајките.

Со потпишување на овој меморандум, ние како општина, отворивме можности за соработка и верувам дека во иднина ќе успееме да реализираме многу повеќе.

5. Предизвикот со паркирањето се провлекува веќе некое време наназад. Како ќе го забрзате надминувањето на овој предизвик и кои се конкретните локации и рокови за изградба на нови паркиралишта и, доколку се планира, на катни гаражи?

Проблемот со паркирањето е реален и затоа пристапуваме со практични и брзи решенија. Во соработка со Град Скопје, предвидена е изградба на монтажни паркиралишта на повеќе клучни локации: во Мичурин, населба Јане Сандански и Ново Лисиче. Со ова ќе обезбедиме нови паркинг места во делови каде граѓаните секојдневно се соочуваат со недостиг на простор за паркирање.

Покрај тоа, работиме на проект за воведување еднонасочен сообраќај во делови од Стар Аеродром и Мичурин, со што ќе ја искористиме постоечката улична инфраструктура за нови ленти за паркирање и вело-патеки, секаде каде што има услови.

Со овие мерки, не само што ќе се олесни паркирањето, туку ќе се зголеми и безбедноста и протокот на сообраќај, како и квалитетот на урбаното живеење во нашата општина.

6. Аеродром е млада општина која расте. Најавивте изградба на мултимедијален центар, што е клучно за развој на културата и неформалното образование кај младите. Што точно ќе содржи овој центар и на кој начин тој ќе ја задоволи потребата за културна и едукативна содржина во општината? Ова ќе биде еден од првите видливи симболи на Вашата победа. Кога жителите ќе може да ја видат лентата пресечена?

Искрено, ова е еден од проектите на кој сум најмногу горд. Како што споменав, како човек кој целиот свој живот го поминал во Аеродром, секогаш било предизвик да се посети културен настан.

Ние идејниот проект го нарековме мултимедијален центар, а во склоп на тој простор во кој ќе има кино, театар и галерија. Секој жител на Аеродром, кој ќе посака да посети кино, театарска претстава или изложба ќе има можност да го направи тоа блиску, во својата општина.

Од друга страна, мултимедијалниот центар и содржините кои ќе ги понуди, верувам дека ќе бидат мотивација за многу млади лица да започнат да ја сакаат повеќе и да се занимаваат повеќе со уметноста.

7. Еден од најважните столбови на Вашата програма е проектот „Секое дете во градинка“. Со оглед на тоа што листата на чекање за упис е голем проблем, како ќе обезбедите дека во следните четири години нема да има ниту едно дете на чекање во Аеродром? Кои се конкретните локации каде што најбрзо ќе започне изградбата на нови капацитети и кои бенефиции, покрај проширувањето, ќе им ги понуди Општината на родителите?

Проектот „Секое дете во градинка“ е еден од најважните приоритети во новиот мандат, затоа што секое дете заслужува еднаква шанса за правилна нега и грижа во првите најважни години од животот. Во Аеродром веќе имаме направено големи чекори. Доказ за тоа е работата на новата градинка „Изворче“, проект кој ќе го завршиме за неколку месеци, а преку кој ќе обезбедиме повеќе од 200 нови места за дечињата од нашата општина.

Паралелно, започнува изградбата на новата градинка „Пчелка 1“ во населбата Лисиче, со двојно поголем капацитет од сегашниот. Исто така, во тек се и постапки за урбанизација на три дополнителни локации во Мичурин, Острово и Долно Лисиче, каде ќе изградиме помали, локални градинки, прилагодени на потребите на тие населени места. Покрај новите објекти, ќе продолжиме и со модернизација на постојните градинки, подобрување на условите за воспитувачите и поддршка на родителите преку пофлексибилни и транспарентни системи за упис. Ова не се само капитални проекти. Ова е вложување во иднината на нашите деца и на нашата општина.

Со овие инвестиции целта е јасна: во следните четири години да нема ниту едно дете на листа на чекање во Аеродром.

8. Довербата на граѓаните е евидентна. Каква е Вашата победничка порака до жителите на Општина Аеродром? Зошто сметате дека е клучно тие да го искористат првиот круг за да ја потврдат Вашата мандатарска позиција и да овозможат брза и неспорна имплементација на Вашата програма за подобра Општина Аеродром?

Ќе бидам краток и многу реален. Проектите кои ќе го продолжат трендот на развивање и осовремување на општината како топлификација на Лисиче, можноста за поставување на фотоволтаици на секоја станбена зграда или куќа (проект преку кој секое семејство или зграда ќе добива месечна кирија), ослободувањето на младите од трошоци за комуналии при изградба на нова куќа, мерката која ќе ги обврзе сите инвеститори, за 10м2 изградена станбена површина да засадат по 1 садник и многу други, се најдоброто нешто од вашиот човек за вас жителите, за вашето место и за вашата општина.

Покажавме дека можеме, покажавме дека ги остваруваме ветените проекти и верувајте дека со ова, и подобро темпо, продолжуваме понатаму.

поврзани објави

         

Последни објави