18.8 C
Skopje
вторник, октомври 14, 2025

Иван Гоцевски за „Поглед.мк“: Делчево ќе ја запише најголемата победа во прв круг – времето на вистинските дела доаѓа!

Кампањата за локалните избори е при самиот крај, а кандидатот за градоначалник на Делчево од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, во изјава за Pogled.mk ја оценува својата теренска активност, очекувањата за изборниот ден и испраќа порака до граѓаните пред 19 октомври.

ПОГЛЕД: Господине Гоцевски, се приближуваме кон крајот на оваа кампања од првиот круг за локалните избори. Постојано сте на терен, меѓу граѓаните. Како сте задоволни од текот на кампањата, што е она што го воочивте на терен и што очекувате во недела, на 19 октомври?

Иван Гоцевски:

Во изминативе недели буквално бевме на секој чекор од Делчево и населените места. Немаше уличка, маало или населба која не ја посетивме, речиси и да нема човек со кого не разговаравме. Нашата цел не беше само да презентираме програма, туку пред сè – да ги слушнеме граѓаните. Да ги чуеме нивните проблеми, нивните идеи, нивните предлози. И можам да кажам дека токму тие разговори беа најголемата вредност на оваа кампања.

Ги нотирафме сите забелешки, совети и барања на нашите сограѓани и тие веќе се имплементирани во програмата што ја презентиравме. ВМРО-ДПМНЕ спроведе кампања на терен, чесна, работлива и искрена – меѓу народот, за народот.

Во недела, на 19 октомври, очекувам масовна излезност, затоа што секој граѓанин има обврска да го искористи своето демократско право и да избере во која насока сака да се движи Делчево. Очекувам огромна, историска победа уште во првиот круг. Благодарен сум на мојот тим, на советничката листа предводена од д-р Адријана Илиевска Велковска, на сите членови и симпатизери кои работеа неуморно. Верувам дека Делчево ќе ја направи вистинската одлука – да го избере развојот, стабилноста и вистинските дела наместо празни зборови.

ПОГЛЕД: Кои се најголемите проблеми кои ги слушнавте од граѓаните, и што Вие конкретно ќе преземете по однос на тие прашања?

Иван Гоцевски:

Граѓаните јасно и гласно ги кажаа своите проблеми – тоа се основни, но суштински прашања: асфалтирање на улици, решавање на водоводната и канализационата мрежа, и пред сè – чистотата и зеленилото во градот. Делчево е прекрасен град, но за жал во моментов е во хаотична, разочарувачка состојба.

Ние не бегаме од одговорност. Знаеме дека ќе биде тешко, но токму затоа сме тука – да работиме, да создадеме ред и систем. Ќе воспоставиме целосно нов начин на менаџирање, базиран на план, контрола и отчетност. Делчево ќе биде чисто, модерно и развиено, онакво какво што граѓаните го заслужуваат.

ПОГЛЕД: Во среда ќе имате и голем митинг на кој ќе присуствува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Каде ќе се одржи митингот и што може да очекуваат граѓаните?

Иван Гоцевски:

Да, во среда не очекува голем настан, голем митинг кој ќе се одржи во центарот на Делчево. Очекуваме масовна поддршка, атмосфера исполнета со енергија, надеж и мотив. Нашиот голем пријател и лидер, професор Христијан Мицкоски, повторно ќе биде во Делчево – град кој, иако мал по големина, има големо срце и огромен потенцијал.

Со него сме разговарале многу пати за потребите на Делчево и овој регион, и секогаш сме наишле на разбирање и конкретна поддршка. За само една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, јасно се гледа колку Владата предводена од Мицкоски е посветена на источниот дел од државата. Верувам дека заедно ќе го направиме Делчево пример за локален развој – чист, функционален и достоинствен град.

ПОГЛЕД: Зошто немаше дуел со противкандидатот? Имаше ли покана и дали има шанса таков дуел да се одржи до крајот на кампањата?

Иван Гоцевски:

Да, имаше покана. Бев поканет на телевизиска дебата на која требаше да се појави и мојот противкандидат од СДСМ. За жал, тој не се појави, па дуелот мораше да се претвори во интервју. Секако, јас ги изложив мојата програма, аргументите и плановите за развој на Делчево.

Јавно кажувам – во секое време, каде сака и кога сака, стојам на располагање за дуел. Не бегам од разговор, бидејќи граѓаните заслужуваат да ги слушнат и двете страни. Тие треба да видат кој ја говори вистината и кој е вистинскиот избор за Делчево. Но, и без тој дуел, уверен сум дека народот веќе има јасна слика.

Нашите сограѓани ќе ја изразат својата волја на 19 октомври, и убеден сум дека победата ќе биде убедлива, голема и историска. Делчево ќе победи – затоа што го избира трудот, чесноста и визијата пред празните ветувања.

поврзани објави

         

Последни објави