Иван Гоцевски официјално градоначалник на Делчево
Делчево од денес официјално има нов градоначалник – Иван Гоцевски, кој ја презеде функцијата од досегашниот градоначалник Горан Трајковски. По примопредавањето, Гоцевски изрази благодарност за досегашниот ангажман на Трајковски, како и за големата доверба од граѓаните, најавувајќи посветена работа и отчетност.
„Функцијата градоначалник бара одговорност, моралност и етичност, но и брзо решавање на приоритетите на граѓаните. Јас како човек од народот ќе бидам постојано на терен, во Разловци, Делчево, Бигла и Илиово, и со отворен пристап ќе работиме заедно за Делчево да биде урбана средина во која живеат среќни луѓе“, изјави Гоцевски.
На почетокот од мандатот, новиот градоначалник најави отворање на Општината за сите граѓани, ревизија на проектите, продолжување на градежните активности за регулација на коритото на реката Габровчица и изградба на два кружни тека на транзитниот булевар.
Гоцевски се сретна со вработените во Општина Делчево, им се заблагодари за посветеноста и истакна потреба од успешна соработка. Во знак на признание, тој му врачи благодарница на еден од најдобрите работници во ЈКП „Брегалница“, Горан Узунски, а најави дека својата прва градоначалничка плата ќе ја донира токму на него.














