Интервју со г. Андов – кандидат за претседател на Советот на Општина Кочани
1. Господине Андов, во првиот круг обезбедивте убедливо водство во однос на вашиот противкандидат Венко Крстевски, кој влегува во вториот круг. Сепак, тоа не значи и финална победа, ако се земат предвид бројките на останатите кандидати и можните нови коалиции. Каква е вашата анализа по првиот круг и што очекувате од граѓаните во вториот круг?
Најпрво би сакал да им се заблагодарам на сите мои сограѓани кои излегоа да гласаат и го остварија своето граѓанско право, како и на сите кои ја дадоа својата поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Граѓаните јасно и недвосмислено ја изразија својата волја и определба дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата треба да ја водат Општина Кочани во наредните четири години.
Разликата во првиот круг од овие локални избори за градоначалници е околу 2.300 гласа пред второпласираниот кандидат, додека за Советот на Општина Кочани предноста е околу 2.600 гласа. Тоа, претворено во мандати, значи дека листата на Венко Крстевски, СДСМ и Левица има 7 советници, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 8 советници — што претставува одличен резултат.
Во вториот круг очекувам поголема излезност од првиот и голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со што Д-р Влатко Грозданов ќе биде новиот градоначалник на Општина Кочани, кој ќе донесе стабилна, перспективна и транспарентна општина.
2. Кочани поминува низ тежок период по трагедијата што го потресе градот. Голем број граѓани јавно велат дека не сакаат политички фрази и празни изјави, туку конкретни резултати, правда, поддршка и враќање на нормалниот живот. Како идeн градоначалник, што прво ќе направите за семејствата и за заедницата кои сè уште ги живеат последиците од оваа голема болка?
Како иден претседател на Советот на Општина Кочани, заедно со идниот градоначалник Д-р Влатко Грозданов сме свесни за предизвиците со кои ќе се соочиме во следниот период.
Ниту еден граѓанин не смее да биде излажан, ниту да остане несослушан. Трагедијата не смее да се заборави, а правдата мора да се обезбеди – но тоа е задача на органите на правдата, судот и јавното обвинителство.
Ние, како идна локална власт, мораме да работиме на проекти поврзани со централната власт – проекти кои ќе го подобрат секојдневието на секој граѓанин во Општина Кочани и ќе ја вратат довербата и спокојството меѓу луѓето.
3. Граѓаните, особено младите, инсистираат на поголема безбедност, подобра спортска инфраструктура и реални можности да останат тука, а не да заминуваат. Кои се вашите конкретни политики и мерки за:
– безбедноста во градот,
– подобрување на условите за спорт и рекреација,
– отворање нови работни позиции и перспективи за младите во Кочани?
За младите мораме да обезбедиме услови за започнување сопствени бизниси во кој било сектор, како и поддршка за изградба на сопствени домови.
Гарантирам дека, како иден претседател на Советот и на Советот за спорт на Кочани, ќе се борам за секој клуб, секој спортски работник, секој спортист, тренер и рекреативец.
Уште на самиот почеток, со Одлука на Советот, ќе ги ослободиме сите спортски клубови од плаќање надомест за користење на спортските сали, а истовремено ќе ги задолжиме да ги намалат членарините.
Децата кои користат социјална помош, како и децата на самохрани родители, ќе тренираат бесплатно во сите спортски клубови.
Тоа ќе биде првиот чекор во создавање здрава и активна младина, со повеќе можности, а помалку причини за да го напуштат својот град.
4. Во најтешките моменти, младите од „Support – Kocani“ покажаа што значи човечност, солидарност и вистинско единство. Како општина, дали имате план како да ги поддржите нив, како организирана група која стана симбол на емпатија, и дали гледате начин оваа енергија да се претвори во системска, институционална поддршка за граѓаните во иднина?
Секако, секоја чест за сите кои се вклучени во „Support – Кочани“.
Нашиот план е, заедно со Министерството за дигитална трансформација, да ја дигитализираме Општината, а „Support – Кочани“ ќе има важна улога и во тој процес, како и во многу други проекти.
Нивната енергија и искреност ќе бидат пример како граѓаните, особено младите, можат да бидат вклучени во институционални процеси и вистински да придонесат за својата заедница.
5. Кои капитални проекти ги ветувате за Кочани и кои се првите три што ќе ги започнете? Исто така, во кој обем очекувате помош од централната власт, и дали веќе имате договори или гаранции за тие проекти?
Д-р Влатко Грозданов, како иден градоначалник на Општина Кочани, излезе и вети капитални проекти кои ќе бидат поддржани од Владата на Републиката и од претседателот Проф. Д-р Христијан Мицковски.
Меѓу нив се: изградбата на Јужниот булевар, старечки дом, мост на Кочанска река, реконструкција на спортската сала „Сашко Лазаров – Чапо“, решавање на проблемот со паркинг-просторот преку изградба на катна гаража, подобрување на сообраќајниот метеж и други проекти кои ќе бидат од големо значење за сите граѓани на Општина Кочани.
Ова се реални, мерливи и потребни проекти што ќе донесат видлива промена во инфраструктурата и секојдневието на градот.
6. На гласачите кои сè уште се двоумат – зошто да го поддржат вас и ВМРО-ДПМНЕ, а не независниот кандидат Крстевски? Каде е суштинската разлика – во програмата, во капацитетот, во тимот или во визијата за градот?
Гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за нови проекти, стабилна и транспарентна општина и подобро утре за секој жител на Кочани.
Гласот за „независниот“ зависен кандидат и неговиот ортак Аки Акиов е глас за реваншизам, нефункционална општина и стагнација, наместо развој.
Затоа, на 2 ноември, масовно излезете на гласање и дајте го својот глас за Д-р Влатко Грозданов и за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – за Кочани повторно да почне да живее!

 
                                    










