Во јавноста упорно се создава лажна претстава дека премиерот зборува исклучиво како шеф на Владата. Тоа не е точно. Премиерот многу пати говори од позиција на политички лидер на парламентарното мнозинство избрано од народот.
Во демократска држава народот е извор на сета власт, а неговата волја се изразува преку Парламентот – местото каде што се носат законите и правилата според кои функционира целата држава, вклучително и судството и обвинителството.
Судската власт ја добива својата легитимност преку законите изгласани во законодавниот дом. „Независност“ не значи недопирливост, ниту пак право на самоволие. Секоја власт е независна во својата работа, но одговорна пред народот – преку Парламентот.
Премиерот, како лидер на најголемата партија со стабилно парламентарно мнозинство, е најповикан да ги отвора најважните теми за состојбите во државата, па и прашањата поврзани со правосудниот систем. Тој има политички мандат и обврска да предлага реформи, закони, правила – и преку тие механизми да обезбеди права, обврски, одговорност и контрола врз сите три власти: законодавна, извршна и судска.
Кога премиерот зборува за реформи во правосудството, тој зборува како претставник на народната волја, како глас на парламентарното мнозинство што добило легитимитет на избори.
И да биде сосема јасно:
Време е за строги правила. Време е за роковници. Време е за јасни закони и сериозен систем на контрола и одговорност.
Време е да има соодветни санкции и казнивост за секое прекршување на законите, правилата и роковите – за секој што носи јавна функција, од министрите, до судиите и обвинителите.
Доста беше хаос.
Доста беше прикривање.
Доста беше чување предмети по фиоки, застарување, изигрување на закони и бесправие.
Време е за ред.
Време е за работа.
Време е за вистинска правда, предвидливост и одговорност.









