Општина Делчево месец февруари го започнува со реализација на уште едно ветување насочено кон унапредување на социјалната сигурност и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Во рамки на Програмата за социјална заштита за 2026 година, покрај веќе воспоставените мерки за поддршка на социјално ранливи категории, семејства погодени од елементарни непогоди, невработени лица, стари и изнемоштени лица, лица со посебни потреби и деца, се воведуваат и нови мерки кои опфаќаат категории на граѓани кои досега немаа основ за остварување права од оваа програма.
Новите мерки вклучуваат:
– еднократна парична помош за еднородителски семејства во износ од 10.000 денари,
– еднократна парична помош за лекување на онколошки пациенти во износ од 10.000 денари и
– еднократна парична помош за рехабилитација на ученици со мускулна дистрофија во износ од 20.000 денари.
За реализација на Програмата за социјална заштита за 2026 година се предвидени вкупно 13.689.339 денари, од кои 10.832.339 денари се обезбедени од буџетот на Општина Делчево, а 2.857.000 денари од Министерството за социјална политика, демографија и млади и други институции.
Целта на програмата е навремено спречување и надминување на социјалните ризици и обезбедување поголема социјална сигурност за ранливите категории на граѓани во Општина Делчево.










