Поскапувањата во маркетите продолжуваат, а паричниците на граѓаните сè потешко го издржуваат товарот од високите цени на храната, кои се под силно влијание на зголемените цени на енергентите. Инфлацијата веќе оди нагоре, а економистите предупредуваат дека без навремена реакција, може да се повтори сценариото од 2022 година. Пазарната инспекција веќе регистрираше зголемување на цените на јајцата и маслото за околу 10 отсто, но порастот не застанува тука. Освен во маркетите, цените значително се зголемени и на зелените пазари. Доматите се продаваат од 250 до 280 денари за килограм, додека розовиот домат достигнува и до 330 денари. Краставиците чинат од 100 до 120 денари, а за килограм пиперки треба да се издвојат најмалку 300 денари. Зелената салата се продава по цена од околу 50 денари за парче, морковите од 50 до 80 денари, а китка магдонос од 30 до 50 денари. Покрај зеленчукот, пораст на цените се бележи и кај основните прехранбени производи. Трговците најавуваат нови поскапувања, објаснувајќи дека добавувачите веќе ги зголемиле набавните цени.
Џемаил Даути, директор на „Даути – Комерц“, компанија која се занимава со увоз на храна, за весникот ВЕЧЕР вели дека се очекува зголемување на цените на речиси сите производи за широка потрошувачка, бидејќи нивните партнери веќе им најавиле дека ќе има нови повисоки набавни цени.
– Во моментов, снабдувањето со прехранбени производи не е доведено во прашање и нема најави дека ќе има недостиг од одредени производи. Но, она што е извесно е дека ќе има зголемување на цените бидејќи сите добавувачи ќе ги покачат набавните цени за околу 10 отсто. Нашите партнери се умерени во однос на цените, односно рекоа дека покачувањето ќе биде минимално, од 5 до 6 отсто, односно за онолку за колку се зголемени цените на енергентите кои учествуваат во крајниот производ. Ова ќе влијае на зголемување на малопродажните цени, вели Даути.
Тој вели дека ќе анализираат дали ќе бидеме рентабилни ако работиме со помала маржа за да може минимално да ги зголемат цените и да го заштитат стандардот на граѓаните.
–Владата треба да ги укине царините и прелевманите за увозните производи и да го намали ДДВ на прехранбените производи од 10 на 5 отсто. Доколку се укинат царината и прелевманите, тоа дополнително ќе влијае на намалување на цените во маркетите. Се покажа дека мерките како замрзнување на цени и лимитирање на маржи има контраефект. И Владата се увери во тоа и се надеваме дека нема да преземе вакви мерки, додава Даути.
Сепак, од Организацијата на потрошувачи на Македонија сметаат дека неопходни се мерки за да не дојде до енормно зголемување на цените на основните прехранбени производи.
–Не може да чекаме цените да се зголемат до плафон, па потоа да интервенираме. Треба да се воведат превентивни мерки за основните прехранбени производи и да се применува Законот за нечесни трговски практики за да се заштитат граѓаните од ценовниот шок што се заканува поради порастот на цените на нафтата, изјави Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ, за весникот ВЕЧЕР.
Од ОПМ сметаат дека ако цените многу пораснат, мерките ќе бидат задоцнети бидејќи инфлацијата веќе тргнала нагоре. Значи, мерките се потребни превентивно, бидејќи во спротивност, ќе бидат задоцнети и нема да имаат ефект.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави вчера дека очекува зголемувањето на цената на горивата да има влијание врз инфлацијата, но не големо. Тој рече дека Владата, засега, интервенира директно од Буџетот зашто се грижи за граѓаните, но има и друг план за следни чекори ако евентуално кризата ескалира.
– Да ги почекаме трошоците за живот. Ние интервенираме директно од Буџетот и сме една од ретките земји што го прави тоа. Има држави што прават привид, ги качуваат акцизите, тоа е товар директно на горивото за 100 – 200 отсто, па намалуваат 50 отсто. Не, ние го намалуваме директно данокот, тоа што го собира државата. Покажуваме дека оваа Влада се грижи за граѓаните директно од Буџетот, а не со трикови – ќе ги качиме акцизите двојно, па потоа ќе ги намалиме за 20 – 30 проценти. Тоа е разликата меѓу одговорна Влада и влади кои прават привид. Ние сме една од ретките, можеби има уште две-три влади во Европа кои вака интервенираат – рече Мицкоски.
Според гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ударот сега е посилен од кризата од 2021 година, но уверува дека институциите се поискусни и поподготвени. Според него, девизните резерви се значително повисоки од пред пандемијата, депозитите се стабилни, а Народната банка е подготвена да реагира.
Во меѓувреме, опозицијата обвинува дека кризата веќе се чувствува во маркетите. Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, додека храната поскапува, Владата нуди дефокус наместо конкретен пакет за граѓаните. Повторно ја повика Владата да ги намали акцизите на горивата за 4 денари, да укине ДДВ за основните прехранбени производи и да ги преполови патарините.

