4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Зла крв

Пишува: Атанас Величков

Уставниот суд во среда ќе одлучува за мандатот на градоначалниците, бидејќи веќе и децата во забавиште знаат дека не постојат услови за нормално спроведување на локални избори. Во Македонија нема услови и за уште еден куп работи, например спроведување попис на населението. Синоќа слушнав дека догодина во Македонија ќе се оддржи Светско првенство во ракомет за кадети, епа тие кадети биле на 2 години, кога за последен пат во земјава се оддржал попис. Догодина истите тие ќе се борат за медали. Мој предлог до уставните судии е, да го продолжат мандатот на градоначалниците до „додека не им текне“ на главните фаци на македонската политичка сцена дека Македонија не е само колач за делење и терен за партиски вработувања, туку држава која не смее да потоне заради ситни партиски интереси. Инаку „лошиот“ и „предавникот“ Љ.Г. уште кога почна серијата „Бомбите на Заев“, предложи сите инволвирани во прислушкуваните разговори да добијат амнестија и да се повлечат од политичката сцена, а изборите што се оддржаа на 11 декевмри, да станат реалност заедно со локалните избори во април. Така ќе се заштедеа и пари, а немаше да ги има и настаните од  27 април. Македонија ќе имаше нова нормална Влада, а пак службениот премиер Димитриев немаше да има потреба да биде „чувар на фотелја“ толку долго време.

Валандовци само за три саати ги собрале потребните 2000 потписи за организирање на референдум за рудникот за бакар Казандол. Долга е раката на Сорос. Сега останува да видиме дали и таму, ќе им кажат не на рудниците, како што го направија тоа луѓето од Гевгелија. Бесплатен совет до најострото перо на тв „Сител“ и весникот „Вечер“, Љупчо Златев. Драги Љупчо, те молам пази што ќе напишеш на facebook, ако резултатите од референдумот што треба да се распише нема да се допаднат на твојот духовен гуру Латас и неговиот газда Мали Ѕинго. Навистина не сакам да станеш непожелна личност и во Валандово, пошо како што си ја затерал работава, ќе останеш пожелен само во Кратово.

Лидерот на Движението за реформи во ДПА, Зијадин Села, излезе од болница и беше пречекан како војвода, со знамиња со пукотници со све. Нема како да биде поинаку, Села е на пат да стане лидерот на Албанците во Македонија. Не е компрометиран со врски со УДБа, тој беше таргет на жесток напад за време на настаните во Собранието на 27 април, додека Артан Груби си висеше со рацете во џеб, а пратениците на Беса, многу стратешки ја напуштија зградата на собранието, точно пред ситуацијата да „излезе надвор од контрола“. Албанците знаат да препознаат, кога некој е за фер игра, нешто што Македонците го учат на принципот „проба-грешка“ веќе 26 години.

„Преку глава ни е од делби и поделби, многу зла крв се пушти меѓу нашиот народ и не може да очекуваме перспектива и добра иднина за Македонија, ако тоа така остане. “ Ова во своето неделно интервју за Радио Слободна Европа го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Претходно, Заев им даде до знаење на Бугарите и Србите, дека Македонецот е нивен брат и се нафати да ги „препороди“ братските чувства кон страшно поделениот македонски народ. Би сакал да го посоветувам, господинот Заев, ако веќе сака да ја смирува ситуацијата, да почне консултации со „неопределените“ и „борците за демократски промени“, кои со своите полни со омраза написи по ништо не се разликуваат од досегашните апологети на Груевски. Лошата крв најлесно се зоврива преку ширење на омраза, без разлика дали таа е лево или десно ориентирана. Пребојадисаните „ВМРОвци“, кои до 2006 г. „љубеа рука“ кај Бранко, сега ќе имаат време да сменат дрес и да се вратат назад во старата партија. Простено им е, ако веруваме во зборовите на Заев.

 

поврзани објави

Последни објави