Владејчката албанска политичка партија ДУИ и опозициската ДПА треба да ги хармонизираат односите и да соработуваат за што поскоро спроведување на Пржинскиот договор што е еден од условите за влез на Македонија во НАТО и ЕУ, договориле на синоќешниот двочасовен состанок во Тетово претседателите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.
Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и ДПА има важна улога за реализација на договорот од Пржино.
Пржинскиот договор и неговото спроведување е многу важен фактор во државата, и сигурно во Собранието ќе биде многу важно опозицијата да биде конструктивна во спроведувањето на Пржинскиот договор што е многу важен за државата и мора за некои работи од него да гласаат во Собранието – за реформите во судството, за ЕУ, НАТО. Значи Пржинскиот договор без опозиција не може да се реализира, изјави Ахмети.
Ништо вечерва не се случуваше под маса. Подршката што ја даваме за ДУИ е бланко подршка бидејќи сакаме што поскоро да бидеме дел од НАТО и ЕУ а тоа без спроведување на пржинскиот договор не е можно. Не значи дека ако сме ги изгубиле изборите не треба да бидеме конструктивни, изјави Тачи.
Ние како Албанци сите сме за Македонија во НАТО и сме за постигнување компромис околу името кој е прифатлив за сите страни. Треба час поскоро да станеме дел од НАТО бидејќи Македонија е на крстосница на која се судираат интересите и на Русија. Ние немаме ништо против Русија, но нашата држава припаѓа во евроатланското семејство рече, Ахмети.
Ахмети и Тачи истакнаа дека се надеваат оти многу брзо ќе се започне со спроведување на реформите што се бараат во извештајот на Прибе но и од целиот меѓународен фактор.
И двајцата посочија дека ваквите средби биле традиционални и ќе се одржуваат и понатаму.
Тачи истакна дека сакал да има средба и со лидерот на БЕСА Билал Касами, но таа не се остварила бидејќи од Беса инсистирале состанокот да биде без присуство на медиумите додека тој сакал ваквите состаноци да бидат отворени за јавноста.
Пред состанокот на Тачи и Ахмети ДПА ја организираше традиционалната ифтарска вечера за членовите и симпатизерите. За време на Ифтарот Тачи се обрати пред јавноста посочувајќи дека „политичките партии од македонскиот блок и сега водат антиалбанска политика, и како што кажа доколку така се продолжи владата на Зоран Заев нема долго да опстане“.