3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Груевски на средба со Могерини и на Самит на Европската народна партија во Брисел

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со партиска делегација утринава во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во Брисел ќе се сретне со Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини.

Во рамки на неговата тридневна посета на европската престолнина, Груевски синоќа во Европскиот парламент се сретна со претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), Дејвид Мекалистер, а потоа и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Оваа негова посета на Брисел, според поранешниот македонски премиер е со единствена цел во разговорите со високите претставници на ЕУ да се најде начин да и се помогне на Македонија да го забрза својот од кон евро-атлантските интеграции.

Укажав дека е време да се најде начин да и се помогне на Македонија да ги почне преговорите. Не да говориме за одмрзнување на препораки и слично, туку за почеток преговорите, отворање на поглавја и завршување на тие преговори, што ќе заврши со членство на Македонија во Европската унија. Од тој аспект, јас укажав дека ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во македонскиот парламент да дадеме поддршка за се што ќе процениме дека ќе биде од корист за граѓаните и за државата. Нормално е дека како опозиција и ќе го критикуваме тоа што ќе дојде, а што ќе сметаме дека можеби не е најдобро срочено и обмислено, изјави синоќа Никола Груевски.

Централен настан од тридневната посета на поранешниот премиер на Република Македонија на Брисел е Самитот на Европската народна партија (ЕПП), најбројната пратеничка група во Европарламентот, чија придружна членка е и ВМРО-ДПМНЕ, а кој ќе се одржи точно на пладне На овој Самит на ЕПП, кој ќе се одржи во Кралската академија на Белгија, покрај Никола Груевски, ќе присуствуваат и Туск, челникот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани. Исто така, најавено е и присуство на Ангела Меркел (канцеларка на Германија), како и на премиерите Маријано Рахој (Шпанија), Никос Анастасијадис (Кипар), Клаус Јоханис (Романија), Бојко Борисов (Бугарија), Виктор Орбан (Унгарија), Андреј Пленковиќ (Хрватска) и Лео Варадкар (Ирска).

Попладнево, пак, Никола Груевски има закажано билатерална средба со известувачот за Македонија во Европарламентот, Иво Вајгл.

Присуството на настанот со челниците на Европската унија, како и неговите билатерални средби со првите луѓе на ЕУ, Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да го искористат за унапредување на соработката што неговата партија ја има со истите, како и за забрзување на македонските евро-атлантски интеграции, со оглед на тоа што агендата за итно членство на Македонија во Унијата и НАТО е врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство.

поврзани објави

Последни објави