„Шести ден како Заев молчи и крие од македонските граѓани што договорил во Софија.
Заев во текот на изборната кампања на големо ветуваше експертски дебати и јавни расправи за секое поголемо прашање од значење за Република Македонија, Заев од Софија кажа дека договорот е речеси постигнат, а останува уште едно кафе пиење за да се заврши, без притоа да ги информира граѓаните што тоа преговарал и речеси договорил.
Заев од Софија кажа дека ќе се бришат одредени термини од македонските учебници по историја, без притоа да каже кој и како ќе одлучува што треба да биде избришано.
Заев во Бугарија јавно ја обвини Република Македонија, земја чиј Премиер е, дека ширела национализам и омраза во минатото, без притоа да прецизира кон кого тоа ширела нашата држава национализам.
Додека Заев ја обвинува сопствената држава за национализам, молчи и не ги осудува националистичките изјави на Божидар Димитров, според кого македонскиот јазик е бугарски дијалект, ниту пак на сопартиецот на Каракачанов, Вангелов, според кого Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, туку иста историја.
Заев молчи и не реагира на нападите врз Република Македонија, иако како Премиер е должен да го штити нејзиниот интерес.
ВМРО-ДПМНЕ е за градење на добрососедски односи базирани на взаемно почитување. ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи се што е во насока на подобрување на односите со соседите, но ништо што е во спротивност со интересите на македонскиот народ и држава.
Граѓаните од Заев не очекуваат разградување на националното ткиво, туку 16.000 денари минимална плата и 30.000 денари просечна плата, нови 500 километри автопат, 550 километри магистрални и регионални патишта, додека лекарите очекуваат 100.000 денари плата, која Заев им ја вети“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.