4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Началникот на ГШ на АРМ во официјална посета на војската на Црна Гора

Приемот на Црна Гора во НАТО, која е веќе 29-та полноправна земја членка на овој воено политички сојуз, ќе претставува позитивен сигнал и понатамошна безрезервна поддршка за македонските аспирации за членство во Алијансата, а со тоа и зајакнување на безбедноста во регионот, оценија началниците на ГШ на Војската на Црна Гора и на АРМ, генерал-потполковник Љубиша Јокиќ и генерал потполковник Методија Величковски, на денешната средба во Подгорица.

Овие заложби, информираат од Министерството за одбрана, беа повторени и за време на состанокот на делегацијата на АРМ со министерот за одбрана на Црна Гора Предраг Бошкович на кој присуствуваше и вршителот на должноста амбасадор на Република Македонија во Црна Гора, Сухена Ќерими Балиу. На состанокот беше потенцирана и потребата за продлабочување на партнерската соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и војската на Црна Гора во повеќе сегменти на одбраната.

На средбата помеѓу началниците на генералштабови, се опфатиле повеќе прашања меѓу кои: збогатување на постоечката билатерална воена соработка во областа на обуката и военото образование, како и разгледување на можностите за нови облици на соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на Армискиот полигон Криволак.

Од страна на соговорниците на денешните средби биле искажани пофални зборови за улогата и начинот на кој АРМ се справуваше со миграциската криза, со што е придонесено и за намалување на овој вид безбедносен ризик за целиот регион.

Делегацијата на АРМ во текот на денот оствари посета и на воздухопловната единица во воената база Голубовци во близина на Подгорица каде исто така се разгледуваа можностите за проширување на постоечката соработка во овој сегмент.

За време на престојот во Црна Гора во текот на утрешниот ден делегацијата ќе присуствува на денот за високи гости и церемонијата на затварање на вежбата „Заеднички предизвик 2017“ на која заедно со припадници на армиите на Австрија и Црна Гора учествуваат 36 припадници на АРМ од составот на полкот за специјални намени.

Соработката помеѓу АРМ со војската на Црна Гора во досегашниот период е изразена преку повеќе активности, како заедничка обука меѓу припадниците на двете армии на полето на военото воздухопловство, и обука на специјалните сили, но и во военото образование при што питомци од Црна Гора се образуваат на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.

поврзани објави

Последни објави