6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Собранието расправа за избор на директор на Агенцијата за администрација

Пратениците во Собранието на Република Македонија во попладневниот дел на 6. седница расправаа за избор на Спасе Глигоров за директор на Агенцијата за администрација.

Седницата по пауза од половина час е предвидено да продолжи во 20 часот.

Заменик-министерот за информатичко општество Александар Бајдевски истакна дека Глигоров ги исполнува сите законски услови поради што смета дека професионално и одговорно ќе ги извршува работните обврски.

Пратениците од опозицијата изборот на Спасе Глигоров го оценија како незаконски и истакнаа дека со него се потврдува оти СДСМ врши целосна партизација на администрацијата. На тоа владејачкото мнозинство одговори дека сите меѓународни институции констатирале дека Македонија е заробена држава поради партизацијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предлогот Спасе Глигоров да биде избран за директор на Агенцијата за администрација е противзаконски бидејќи тој, како што рече, е член на извршниот одбор на СДСМ.

Заменик-министерот Бајдевски на тоа одговори дека предложениот кандидат ги исполнува сите законски услови за да биде именуван за функцијата за која што е предложен.

– Сметаме дека тој дел од законот Спасе Глигоров го исполнува. На 29 јуни 2017 поднесе оставка и тоа е ратификувано на нотар. Изјавата ја имате во прилог на предлогот, изјави Бајдевски.

Пратеничката Наде Ципушева од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ, иако во предизборниот период се залагала за департизација и работа во согласност со законот, со предлогот Спасе Глигоров да биде избран за директор, се прави спротивното, односно партизација и кршење на законските процедури.

Пратеничката Тања Ковачев од СДСМ изјави дека условите кои треба да ги исполнува кандидатот се однесуваат за моментот на неговиот избор, а не за моментот на неговото кандидирање, и посочи дека сега Спасе Глигоров не е член на орган во политичка партија.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека за овој избор има две суштински работи, прво дека има класично прекршување на закон, а второ дека и суштински овој предлог оди спротивно од реформите во администрацијата за кои се стреми.

– Спасе Глигоров е дел од цврсто партиско ткиво на СДСМ. Суштински проблемот е дека, како и за многу други работи СДСМ во предизборието ветуваше професионализација на администрацијата. Глигоров на 19 јуни станува член на извршен одбор на СДСМ. Не цели 7-8 пред да биде предложен за оваа функција е назначен за член на извршниот одбор на СДСМ. На 27 јуни Спасе Глигоров врз основа на тврдење дека не е член на извршен одбор на СДСМ од Владата е предложен за функцијата. Оваа одлука на Владата е спротивна на закон, затоа што нотарската изјава од Спасе Глигоров е документирана на 30 јуни. Не се брои дека не е член од момент на поднесување на оставка, туку од моментот кога ќе биде прифатена. Додека не се констатира оставката ова е прекршување на закон, изјави Димовски.

Петре Шилегов од СДСМ рече дека член 15 од Законот за државни службеници вели дека со Агенцијата раководи директор кој го избира и разрешува Собранието.

– Го предлага Владата и од моментот кога Собранието ќе го именува Спасе Глигоров ги исполнува сите услови. Припадноста, односно не припадноста кон некоја политичка структура не е и не може да биде репер на определен човек за неговата совесност при извршувањето на доделените високи функции во рамки на организација на државна управа или во рамки на вршење на општествените функции. Јас гарантирам дека ќе имате најсовесен директор на Агенцијата за државни службеници на Македонија, рече Шилегов.

Претходно денеска пратениците ја усвоија Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија, врз основа на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврден на седница, како и предлог-одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, врз основа на предлогот за измени доставени до Комисијата.

На дневен ред на оваа седница, меѓу другите, е и точката за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.

поврзани објави

Последни објави