4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

АРМ ќе биде дел од мултинационалната вежба „Saber Guardian 2017“

Армијата на Република Македонија со поддршка на Командата на копнените сили на САД за Европа ќе учествува на мултинационалната вежба „Saber Guardian 2017“ со осум припадници на инжинерскиот баталјон, 40 припадници на баталјонот на Воената полиција, 14 припадници на баталјонот за Специјални намени, како и девет припадници на Балканските медицински наменски сили, организација чиј дел е Македонија и чие седиште е сместено во Скопје.

Вежбата „Saber Guardian 2017“ се одржува од 23 јуни до 26 јули во Романија, Унгарија и Бугарија. Нашите припадници ќе бидат распоредени во Романија и Унгарија.

Вежбата која вклучува над 25.000 припадници на вооружените сили од над 20 земји на НАТО и земји-партнери е најголема во Црноморскиот регион годинава. Вежбата е организирана и предводена од Армијата на САД во Европа.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска присуствуваше на испраќањето на контингентот на АРМ во рамки на вежбата „Saber Guardian 2017“, која, како што рече, е одлична можност за вежбање на вооружените сили на земјите учеснички, вклучително и Македонија во смисла на зајакнување на подготвеноста, но и подобрување на интероперабилноста, капацитетот за соработка под заедничка команда, извршувајќи целосен спектар на воени мисии, а во насока на поддршка на безбедноста и стабилноста на Црноморскиот регион.

– Вежбата ќе биде демонстрација на здружените и заеднички способности на сојузниците и партнерите за одбрана на безбедноста на овој регион, рече Шекеринска.

Посочи дека на средината на овој месец ќе има можност да отпатува во Романија, за да ги посети нашите војници кои заедно со своите колеги од партнерските земји го манифестираат високото ниво на воен професионализам за што редовно добиваат високи оценки.

Таа истакна дека по завршувањето на вежбата сквадрон од околу 300 припадници на Армијата на САД во Европа со повеќе од 100 инжинериски возила и опрема од Романија, преку Бугарија ќе се упати кон Македонија, каде од 28 јули до 8 август заедно со стотина припадници на АРМ од разни родови ќе изведе вежбовна активност „Dragoon Guardian“ на нашиот Армиски полигон Криволак.

– Особено не радува фактот што една армија со исклучително високи критериуми како што е Армијата на САД го одбра токму армискиот полигон Криволак за изведување на оваа вежбовна активност, бидејќи веќе извесен период се трудиме да го промовираме овој наш капацитет и во регионални рамки, но и пошироко. Особено сме горди на нашите единици кои рамо до рамо учествуваат на вежбовни активности со нашите партнери САД и со другите земји-членки на НАТО, рече Шекеринска.

Фактот што на нашата Армија и се доверуваат најкомплексни задачи, потенцира, говори за нивото на професионалност, знаење, подготвеност и високиот ентузијазам на нашите војници.

– Уверена сум дека заедничките вежби и обуки најмногу придонесуваат кон градењето доверба, партнерски релации, но во исто време придонесуваат и да ги подобриме нашите одбранбени капацитети, да ја подобриме нашата способност да дејствуваме во различни ситуации од безбедносна природа, рече Шекеринска.

Додаде дека оваа инвестиција во заедничката безбедност, во нашите капацитети ќе возврати со подобра Армија, со подобра одбрана и наше членство во НАТО.

Американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека вежбата „Saber Guardian“ претставува партнерство во акција. Преку вежби, како што е „Saber Guardian“, посочи Бејли, САД ги зајакнуваат врските со сојузниците и партнерите во НАТО и ја потврдуваат трајната заложба за колективната одбрана и просперитетот во Европа.

– Заедничките вежби ја подобруваат способноста на земјите за соработка, комуникација и интеграција во воени платформи. Уште поважно тие градат лични врски меѓу војниците и ја зајакнуваат нашата посветеност едни кон други. Само во 2016-2017 околу 600 војници од Македонија ќе учествуваат во преку 20 мултинационални вежби, спонзорирани од САД во цела Европа и овде во Македонија, истакна Бејли.

Посочи дека годинава им е особена чест што по „Saber Guardian“, САД и Македонија ќе одржат заедничка тренинг вежба „Dragoon Guardian“ во Македонија.

– Скоро 300 војници и 100 возила од Вториот коњички инженериски полк на Армијата на САД во Европа, заедно со осум претставници од Инженериската единица на АРМ ќе патуваат од Романија во Македонија на двонеделна заедничка обука на американски и македонски војници, рече Бејли.

Тој потенцира дека во моментов 39 македонски војници служат во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“, како дел од мисијата за обука за авганистанските безбедносни сили.

– Армијата на Република Македонија има одлична репутација и ние сме горди на блиската соработка меѓу нашите војски, вклучувајќи го цврстото партнерство со Националната гарда на Вермонт. Ние ќе продолжиме со пронаоѓање можности за заеднички обуки овде, во Европа, како и во САД, зацврстувајќи ја нашата соработка и поддржувајќи ја Македонија на патот кон членството во НАТО, додаде Бејли.

Заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај рече дека вежбата „Saber Guardian 2017“ дава одлична можност за размена на знаења и искуства, развивање на можностите и способностите за заедничко работење и извежбување на персоналот од АРМ со армиите на земјите-членки на НАТО и Парнерството за мир, а со тоа усвојување на НАТО стандардите како придонес во јакнењето на борбената способност на единиците на АРМ и усовршување на штабните процеси и процедури во НАТО операциите.

– Убеден сум дека вежбата ќе даде еден импулс повеќе на патот по кој цврсто чекориме за успешна интеграција во евро-атлантските безбедносни структури, додаде Рацај.

поврзани објави

Последни објави