Пишува: Петар Богојески (иницијатор за промени и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ)
Спектарот на политички идеологии се помести од мртва точка. Ако до пред неколку години имавме само една слика кон која се приклонуваше поголемиот дел од граѓанството, сега ситуацијата е многу поинаква.
Има лева владеачка коалиција без некоја реална понуда или стабилност да испорача резултат, но со јасна и недвосмислена цел за брз прием на државата во Евро – Атланските структури. Со нив сме на чисто, граѓаните го препознаваат капацитетот на македонската левица и со текот на времето ќе се соочат со „вистината“ за дадените ветувања.
Но граѓаните имаат своја перцепција и за десната понуда во политичкиот спектар, која е многу покомплексна, обременета со минатото, без јасна перспектива за иднината, а со тенденција доколку не се реформира, да остане долго време надвор од честа да ја раководи државата. Сите оние левичари кои мислат дека со уништување на политичкиот ривал ќе владеат вечно, се во голема заблуда.
Десно – Конзервативна опција
Во моментов ВМРО ДПМНЕ се соочува со внатрепартиски реструктуирања, иако тоа не се гледа доволно јасно од надвор, токму поради затвореноста на процесот, кој е прашање на традиција во нашата партија. Во изминатите години бевме сведоци дека после секој послаб изборен резултат се случуваа некакви „драматични освежувања, кадровски решенија“, кои мнозинството ги подржуваше како решение на „сите проблеми“. На последните избори се случи најслабиот резултат на партијата во последните 5 парламентарни изборни циклуси и иако ВМРО ДПМНЕ победи, неговите политики изгубија. Се изгубија позициите во меѓународната заедница, комуникациите со ЕУ политичарите од понизок ранг се одвиваат колуарски, по ходници и хотелски фоаеја, без релевантни информации за вистината од исходот од разговорите, но со силна предпоставка дека одредени поединци од актуелното раководство ги имаат неповратно срушено сите мостови со меѓународниот фактор. На овие тези веднаш ќе слушнеме контра – тези во форма на конспиративни теории дека западот ни спрема обезличување, ќе не снемало како нација, ќе не окупирале соседите, во секој момент ќе „пристигне Трамп“, па после него и Тилерсон. Се на се, тотално безумни оправдувања за промашувањето на сопствените политички проценки, за кои и самите првенци во раководството увидоа дека се целосно погрешни, па сега одбиваат да превземат одговорност и да се соочат со потребните реформи. Во спротивно, ќе мора да се соочуваат сами со себе, затворени во своите партиски кабинети, глумејќи големини пред сопственото членство, кое постепено ќе ја губи надежта дека повторно ќе биде дел од владеачка коалиција и ќе се оронува тивко и бесшумно, се додека не се сведе на гордо исправена „вечна опозиција“, со нешто повеќе од 200.000 гласа. Така ли ја замислуваат судбината на ВМРО, петорицата членови на Извршниот Комитет, кои мислат дека со колуарски турнеи по ходниците на ЕУ институциите ќе го поправат имиџот на партијата, тоа ли е стратегијата, каква ќе ни биде иднината? Имаме ли сериозни одговори за оваа ситуација? Ќе бидат ли подржани реформите во судството и медиумите од опозициското столче? Какви се позициите на партијата во однос на новите предлози за името, симболите, идентитетот? Кој вербално ги поттикнуваше насилствата во парламентот, па потоа се повлече, оставајќи зад себе 56тина луѓе со кривичен товар и 30тина суспендирани полицајци? Има ли воопшто одговор некој на овие прашања, макар и од поширокото членство? Има ли лидер кој лидерски ќе излезе пред членството за да објасни, зошто лавовскиот коалициски капацитет на ВМРО се претвори во мачешки коалициски капацитет, шутнат во опозиција? Ова ли е десетата рунда на Клеј, а ако е, дали знаеме дека сме нокаутирани, само нема кој да ни го соопшти тоа, или не сакаме да слушнеме?
Неприфатливи се повеќе конспиративните теории за загрозеност на Р. Македонија од странски фактори, неприфатливи бидејќи единствена алтернатива за сите нас е ЕУ и НАТО, и во тоа сме едногласни во јавноста. Но се поставува прашањето дали под тепих се поддржувани и некои други алтернативи, кои се спротивни на интересите на ЕУ – НАТО интеграциите, но спротивни и на нашите јавно истакнати национални интереси. Се погласни се призвуците за подршка во оформувањето на некои „источни партии“. Доколку конспиративните теории, инаетливоста и немањето слух за демократизација и потреба од реформи се заокружи со поттикнување на „источни партии“, тогаш работ на бездната до која е доведена ВМРО ДПМНЕ ќе ни биде само убаво минато, а судбината трагична. Доколку се доведеме во таква ситуација, тогаш лидерот ќе остане лидер, но на обезличена партија и никој повеќе нема да ги памети економските достигнувања, инвестициите во здравството, падот на невработеноста, а сите ќе го вперат прстот кон него, како единствен виновник бидејќи не поседувал сенс за потребата од реформи во моментите кога морал да се исправи пред сопственото его и да дозволи демократизација и дебата, па дури и да се повлече, исто како што тоа го направи Љубчо Георгиевски своевремено. Тоа е одлика на голем лидер, силен додека владее, но и голем кога достоинствено се повлекува. Ситуација во која сите се виновни, само првиот е во право, е неприродна ситуација и таа ќе биде победена од еволуцијата која е неумолива, во овој случај од внатре партиската револуција. Реформи мора да се дозволат, едноставно мора.
Тоа го знаат и сите членови на ИК, со исклучок на 5мина, но го знае и големото мнозинство во ЦК.
Никој не може да ги оспори позитивните резултати од работењето на повеќето Влади на ВМРО ДПМНЕ, никој, ама баш никој. Но, ако вака продолжиме, ќе остане да се паметат само „големите промашувања“.
Неспорно е дека ВМРО ДПМНЕ победи на последните избори, неспорно е дека Грувски имаше огромна заслуга за таа победа, но неспорен е и фактот дека токму ставот за него во јавноста, мобилизираше повеќе од 150.000 граѓани да гласаат против ВМРО ДПМНЕ, неспорно е дека изгубија неговите политики, партијата е меѓународно изолирана, капацитетот за коалицирање е сведен на нула, меѓупартиските односи се на раб на конфликт, опозицијата во парламентот е деструктивна.
Потребни се реформи во ВМРО ДПМНЕ
Реформите се неопходни и процесот на демократизација не смее да застане дури и одкако ќе завршат реформите. Таква реформа беше направена и во периодот после 2002 – 2003та година, кога се смени комплетното раководство на партијата, а тогашниот партиски лидер Георгиевски самоволно го напушти кормилото на партијата, укажувајќи дека неговиот капацитет на гласови е премал, за да ВМРО ДПМНЕ воопшто некогаш се врати на власт, а притоа не убеди дека Грувски е тој кој може да го зголеми тој фундус на гласови.
Со доаѓањето на Груевски реформите започнаа. Некои беа задоволни, некои не беа задоволни од реформите во органите на партијата, начинот на делување и новите реструктуирања, но сите ги прифатија како неопходни и навремени. Резултатите дојдоа многу брзо, ВМРО ДПМНЕ ја состави новата влада и победуваше во 10 изборни циклуси, без да се посвети сериозно на предупредувањата на обичното членство и неколку добронамерници кои сугерираа одредена демократизација и враќање на идеолошките позиции на партијата, кои постепено се губеа, претварајќи ја партијата во движење и прибежиште на се и сешто. Сведоци бевме дека партијата зајакна преку зголемување на бројот на членови, од кои многу голем дел замаени од можноста да се добијат некои бенефити, не ни знаеја во што се впуштаат, а раководството инстистираше партијата да се претвори во „движење“, не сакајќи да види дека тоа е погрешно, иако имаше предупредувања од сите нас.
Објавувањето дека партијата станува „движење“ беше почеток на ретроградните процеси во ВМРО и крај на реформите. Се создаде мислење дека огромната подршка која граѓанството ја даваше ќе биде вечна, дека ова е вистинскиот пат и дека реформите повеќе не се потребни. Се смени односот кон ЕУ – НАТО аспирациите. Иако постојано повторувавме дека ги посакуваме, и покрај огромната подршка која на моменти броеше 63 пратеници и двотретинско коалициско мнозинство, ние, ВМРО ДПМНЕ не ја ефектуиравме довербата која ни беше доделена од народот, напротив, ги влошивме односите со нашите традиционални партнери од меѓународните политички организации, за да сега се доведеме во состојба на тотална изолација, кон надвор со ЕУ – НАТО, кон внатре со етничките заедници и смалена подршка кај неопределените граѓани и десно ориентираните гласачи.
Доведени сме во состојба да не можеме да одлучуваме за ниту едно битно прашање во Република Македонија.
Навистина ли има некој во раководството на партијата кој мисли дека реформите се непотребни?
Со исклучок на тие 5мина, се разбира.